Со три доживотни казни затвор за извршителите на убиството кои се српски државјани, Предраг Чубрило, Милан Илиќ и Милорад Ковачевиќи и ослободителни пресуди за останатите обвинети во случајот „Ровер“, заврши судењето за овој случај, кој по третпат се судеше во кривичниот суд во Скопје.
Судијата Илија Трпков попладнево изрече ослободителна пресуда за ексминистерот за внатрешни работи, Љубе Бошкоски и за Зоран Трајковски, Сашко Јовановски, Ивица Ристиќ, Гоце Митревски и Никола Негриевски.
Обвинението за „Ровер“ е за убиството на Марјан Тушевски и Киро Јанев што се случи во Скопје во јули 2001 година. Основниот суд Скопје 1 во ноември 2014 година во повторена постапка донесе пресуда со која повторно ги прогласи сите десетмина обвинети за виновни.
Поранешниот министер за внатрешни работи, Љубе Бошкоски, тогаш беше осуден за помагање на убиство и доби 10,5 години затвор, Зоран Трајковски доби 8,5 години затвор, Сашко Јовановски и Ивица Ристиќ добија по 7 години затвор, а на Гоце Митревски и Никола Негриевски им беа изречени затворски казни од 6 години затвор.
Првите тројца обвинети, пак, кои според Обвинителството се директните извршители на убиството, во отсуство беа осудени на доживотна казна затвор. Четвртообвинетиот Вук Вукичевиќ, исто така странски државјанин на кого му се судеше во отсуство, за помагање доби 15 години.