Условите за работа во период од седум месеци не се променети, а се уште не е направено електронското поврзување со 17-те институции за поддршка за побрзо ефикасно и ефективно работење на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК). Тоа е резултат односно слика на тромоста на нашите институции, заклучи претседателката на Антикорупциската комисија Билјана Ивановска на денешната презентација од Здружението на граѓани „Транспарентност Македонија“ на првиот квартален извештај за следењето на работата и постигнувањата на ДКСК, со оценка за ефикасноста и транспарентноста.
На новинарско прашање каде е сржта на корупцијата, таа рече дека секој е носител повеќе или помалку на некаква коруптивна мисла или на некакво барање или очекување.
– Сакате изборна корупција, еве ги привилегиите, дали е тоа на пратеници, дали на поранешни претседатели. Секој од нас треба самиот со себе да расчисти дека нема да плати за никаква услуга, ако другата страна нема да побара затоа што тоа му е работа да го направи. Тоа е основата. Кога ќе се зачува личниот интегритет тоа е првата гаранција дека ќе се зачува институционалниот интегритет, порача Ивановска.
Прашана дали има ефект од работата на ДСКС, Ивановска децидна дека има конкретни резултати во јавноста.
Не сме задоволни во делот каде надзорните и управните одбори на јавните претпријатија, рече, ни испратија писма во кои стои дека не утврдиле одговорност кај раководните органи, за коишто утврдивме дека го злоупотребиле дикрециското право. Затоа ДКСК побарала да им бидат доставени записници на кој начин се одвивала расправата и зошто не е утврдена одговорност имајќи предвид дека е очигледно прекршувањето на дискрециското право.
– Ние не се откажуваме, ќе бараме до последно да ги добиеме сите информации што ни е се потребни и ќе вршиме притисок на сите оние кои неодговорно со злоупотреба на дискрециското овластување не ја вршат функцијата да си одговараат за тоа, истакна Ивановска.
Посочувајќи дека ова е веќе трета граѓанска организација што ја мониторира работата на ДКСК, претседателката Ивановска истакна дека извештаите од граѓанските организации не се притисок, туку алатка за подобрување на нивната работа.
– Но, во последно време се јавува некоја експертска јавност со свои коментари, за кои ќе видиме колку се тие реални, дали се вистинити и прифатливи и колку кореспондираат со нашата работа, рече претседателката на Антикорупциската комисија.
Лилјана Пецова Илиевска, проектен координатор во „Транспарентност Македонија“ информираше дека во извештајот што го презентираат се опфатени сите предемети, постапки и иницијативи коишто ги има отворено ДКСК. Имаат забелешки во однос на просторните и техничките услови, особено за непристапноста за лицата со инвалидитет на отворените седници. Според неа, се поставува и прашањето колкав е ефектот од тоа да се постапува по сите пријави што ги добиваат во ДКСК неселективно.
– Се губи и време и ресурски и капацитети, коиѓто ги немаат доволно во моментот. Дали можеби е потребно да се воведе методологија за работа, што ќе направи приоритет на случаи по кои ќе постапува ДКСК со цел да се искористат постоечките ресурси и капацитет за постапување по случаи за висока или средна корупција, рече меѓу другото Илиевска.
На промоцијата на извештајот се дискутираше и за 49 – те постапки на ДКСК кои течат за проверка на вистинитоста на податоците дадени во анкетните листови за имотната состојба, како и девет други за имотната состојба, меѓу кои за шест судии, а постапаката се води заедно со други надлежни институции.
ДКСК ќе работи и на подобрување на условите за укажувачите, чиј број, како што информиаше претседателката на ДКСК, постојано се зголемува.