Седумдесет и седум земји се обврзаа до 2050 година да ја сведат на минимум емисијата на гасови на нула со ефектот на стаклена градина, што е проследено со најавата од 70 држави дека ќе ги подобрат своите национални акциски планови до 2020 година или веќе ќе го започнат процесот.
На Самитот на Обединетите нации за климатски активности, лидерите на владите и лидерите на приватниот сектор, пренесува Танјуг, изразија подготвеност да се соочат со климатските промени и демонстрираа зголемено прифаќање дека темпото на климатски акции мора да се забрза.
Повеќе од сто бизнис лидери, вклучително и бизниси во вредност од над два трилиони долари, претставија конкретни активности за исполнување на целите на Парискиот договор и за забрзување на транзицијата од сива во зелена економија.
Лидерите на голем број земји, како и повеќе од сто градови, најавија значајни и конкретни нови чекори за решавање на климатската криза.
Генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш на затворањето на Самитот изјави дека е даден силен поттик за посилни климатски активности.
– Но, пред нас е голем пат. Потребни ни се конкретни планови, повеќе амбиција од поголем број земји и бизниси. Потребно е сите финансиски институции, и јавни и приватни, конечно и засекогаш да се определат за зелената економија, рече Гутереш.
Младинските лидери, вклучително и Грета Тунберг, особено ја истакнаа потребата за ургентни и посилни лидерски активности, но, исто така, ветија дека ќе ги повикаат лидерите на одговорност.
Според проценките на ОН, светот ќе мора да ги зголеми своите напори три до пет пати за да ги задржи климатските промени на ниво што науката го дефинирала како прифатливо, што подразбира пораст на температурата од најмалку 1,5 Целзиусови степени за да се избегне ескалацијата на штетата предизвикана од овие промени, која е веќе видлива низ целиот свет.
– Науката ни кажува дека ако продолжиме да дејствуваме како досега, до крајот на векот ќе се соочиме со зголемување на просечната глобална температура од најмалку 3 степени. Итноста на климатските промени е трка што ја губиме во овој момент, но исто така е трка во која можеме да победиме. Ова не е самит на кој се преговара за климата. Со природата не може да се преговара. Ова е самит за климатска акција, рече Гутереш.
Франција на Самитот најави дека нема да склучува никаков трговски договор со државите кои имаат политика спротивна на Парискиот договор. Германија вети дека ќе биде карбонски неутрална до 2050 година.
Дванаесет земји се обврзаа дека ќе дадат финансиски придонес на Зелениот климатски фонд, кој претставува официјален финансиски механизам за помош на земјите во развој за адаптација и ублажување на влијанието на климатските промени.
Претходно Норвешка, Германија, Франција и Велика Британија најавија дека ќе ги дуплираат своите сегашни донирања.
Велика Британија најави дека двојно ќе ги зголеми своите меѓународни финансиски средства за соочување со климатските промени на 11,6 милијарди долари за периодот од 2020 до 2025 година. Индија се обврза да ги зголеми капацитетите на енергија од обновливи извори на 175 гигавати до 2022 година, како и на дополнително зголемување на овие капацитети до 450 гигавати и објави дека 80 земји се приклучија на Соларниот меѓународен сојуз. (International Solar Alliance).
Кина соопшти дека ќе ги намали своите емисии за повеќе од 12 милијарди тони годишно и дека ќе усвои тренд на рас со висок квалитет и низок карбонски развој.
Европската унија најави дека најмалку 25 отсто од средствата од наредниот буџет на ЕУ ќе бидат определени за активности кои придонесуваат за климатски акции.
Руската федерација најави ратификација на Парискиот договор, со што вкупниот број земји кои ќе пристапат кон тој договор ќе се зголеми на 187.
Пакистан најави дека ќе засади 10 милијарди стебла во наредните пет години.
Групата најголеми светски сопственици на капитал, чии инвестиции се 2 трилиони американски долари, се обврза дека до 2050 година ќе премине на портфолио со карбонски неутрални инвестиции.
Дури 87 големи компании, со комбинирана пазарна капитализација од повеќе од 2,3 трилиони американски долари, ветија дека ќе ги намалат емисиите и ќе ги усогласат своите активности со она што научниците велат дека е неопходно за спречување на најлошите влијанија на климатските промени, глобален пораст на температурата на 1,5 степени.
Исто така, 130 банки, што е една третина од глобалниот банкарски сектор, се согласија да го усогласат своето дејствување со целите на Парискиот договор.
Во контекст на преминот од енергија од необновливи извори во „зелена енергија“, Мајкл Блумберг ќе го зголеми финансиското и географското покривање на неговите активности за да се искорени јагленот од употреба во 30 земји. Со својата заложба, тој веќе придонесе за затворање на 297 од 530 електрани со јаглен во САД.
Франција и Нов Зеланд најавија дека нема да дозволат истражување на нафта и гас на нивно копно или во нивно крајбрежје.
Претседателите на Финска, Германија, Грција, Унгарија, Ирска, Италија, Холандија, Португалија и Словачка најавија дека ќе работат на постепено искоренување на експлоатацијата на јаглен.
Јужна Кореја најави исклучување на своите четири електрани со јаглен, додека уште шест ќе бидат затворени до 2022 година, како и дека двојно ќе ги зголемат своите придонеси во „Зелениот климатски фонд“.
Најавените иницијативи се направени на начин што со текот на времето ќе се надоградуваат за да се произведе потребното глобално влијание, а генералниот секретар ги повика владите, деловните субјекти и луѓето ширум светот да се приклучат на иницијативите најавени на Самитот и вети дека ќе продолжи притисокот за уште поголеми амбиции и акции.
Тој вети дека системот на Обединетите нации ќе даде поддршка во имплементацијата на плановите презентирани на Самитот, со првичниот извештај кој ќе биде претставен на Конференцијата за климатски промени – COP25 во Сантијаго, Чиле.