Заблудите во кои е оковано нашето општество

Од:

Следниов цитат е извадок од сторија на Боб Гриин, автор и придонесувач за Си-Ен- Ен и датира од 1 јули 2012 година:

„Ако електричниот шпорет во вашиот дом престане да работи, и вие повикате некоја компанија за да го поправи, што би направиле ако работниците ви пријдат, ви речат дека не можат да го поправат шпоретот, а тогаш почнат да покажуваат со прст кон другиот, велејќи:

– Тој е виновен!
– Не, тој е виновен!
– Ако тој ме слушаше мене, ќе ја завршевме работава!
– Тој се обидува да ме запре секогаш кога сум на дофат да го поправам шпоретот!

Вие веројатно ќе се ѕверите во нив со подотворена уста, одвај верувајќи што слушате. А потоа ќе им речете:

„Не сакам да ве слушам како се обвинувате еден со друг. Јас ве плаќам за да ја завршите работата. Едноставно вратете се кај шпоретот и поправете го, а ако не знаете како, одете си!“
Или на пример, ако ви протечеше сливникот за вода, а водоинсталатерите излегоа од под водникот и ви рекоа:

– Жал ми е- не можам да работам со овој човек. Тој расипува сé што јас ќе се обидам да сторам за да ви ги вратам цевките во форма.

– Колку типично за него да ме обвини мене. Меѓутоа, воопшто, не е така. Знам како да го запрам протекот – а тој нема поим. Никогаш и немал.

Вие едноставно ќе им дадете до знаење дека ова не е причината поради која ги ангажиравте. Зошто ви го трошат времето и парите велејќи ви дека другиот е виновен што водата сé уште ви тече по подот? Би им рекле да си ги задржат личните несогласувања за себе и да најдат начин како да ја завршат работата за која сте се договориле дека ќе ја завршат или во спротивно нема да им платите ни денар.

И вие би биле во право. Кога треба да се заврши одредена работа, вработувате луѓе кои ветуваат дека знаат како да ја завршат, а вие за возврат очекувате да го добиете она за кое сте платиле. Вие сте работодавецот – вие сте шефот.

Меѓутоа во една област, ова не е така…“

Овој извадок ме натера да размислам за ситуацијата во Македонија, и како ова е одличен пример за она што се случува на нашето тло. При секој настанат проблем веднаш акцент се става или на транзицијата и приватизацијата, или на некој друг дел од историјата на Македонија, кој не бил од полза за пошироката народна маса, со што вината се наметнува на едната или на другата политичка опција, при тоа фрлајќи сенка врз проблемот за кој всушност станува збор и како тој проблем да се реши за најбрзо можно време, со најмала штета по граѓаните.

Во продолжение за дел од заблудите во нашето општество на кои им робуваме.

Грција е виновникот

Најчесто во Македонија проблемите се вртат околу евроинтегративните процеси и спорот со Грција за името. Меѓутоа, Грција не е наш единствен сосед со кој не сме во најдобри односи. Помалку или повеќе, овде е и проблемот за Македонската Православна Црква како спор со СПЦ на Србија. Бугарија, исто така ни поставува услови за нивна согласност околу нашето продолжување на евроинтегративните процеси, тврдејќи дека ѝ го крадеме минатото и народните херои, а за да се заокружи кругот, овде се и проблемите кои ги имаме со албанското малцинство во Македонија и поддршката на Албанија и Косово за овие случувања, како и секојдневните тепачки и немири кои се сѐ пошумни и отворени, без разлика колку власта се обидува да ги прикрие преку своите медиуми.
Европската Унија повеќе пати нагласи дека треба да работиме кон унапредување на мирот и добрососедството, како и на демократскиот напредок и човековите права – нешто што наголемо се игнорира во нашето општество.

Сепак, ова се само гласовите кои доаѓаат од надвор.

Големиот брат

Од внатре, пак, од политичкиот врв и неговите медиумски куќи се слуша исклучиво за големиот напредок кој го имаме направено во секоја сфера од животот, што го остава човек да се прашува дали светот не е свесен за медот и млекото кои течат од воинот на коњ или ние сме само затвореници во куќата на Големиот брат, и го јадеме само она што ќе ни се сервира.
Ова второто колку и да е иронично, држи вода.

Живееме во општествена изолација во која секојдневно примаме медиумски инјекции кои го зајакнуваат тестостеронот, а го затапуваат умот, особено умот на неедуцираната маса, која во животот не научила ништо друго освен слепо да верува.

Имаме историја и географија, но нема кој да ги признае. Имаме традиција и култура кои веруваме дека нé прават посебни, а секојдневно нé обвинуваат за културен плагијатризам.

Растеме во заедница во која нé учат дека истата претставува дефиниција за зборот „нормално“ и дека надвор од Македонија, „на Запад“ луѓето се заразени со модерните болести кои го рушат човештвото, иако секој кој излегол од границите повеќе не се вратил назад.

Научени сме дека митото и корупцијата се присутни во секој политички и општествен систем, а ракоплескаме на секое телевизиско известување за откриен случај на подмитување, несвесни дека ова е само еден атом од една молекула на криминалниот универзум и дека ова е само алатка за стекнување политички поени во борбата за превласт – борбата за опстанок.

Гоцевата раса

Поделени сме на оптимисти и песимисти не затоа што аналитички сме дошле до сознание дека на овој или на оној начин ќе успееме или нема да успееме, туку бидејќи сме дозволиле луѓе кои преку ноќ стекнале образование да го креираат нашето мислење, и да нé убедуваат дека напредуваме или назадуваме.

Не можеме да се мобилизираме за проблеми кои се од значење за секого, но масовно ги полниме салите и плоштадите за време на митинзи, бидејќи додека сите индикатори укажуваат на фактот дека далеку заостануваме во секоја област зад успешните демократии, Големиот брат ни вели дека ние сме библиска нација, империја, ние сме потомци на Филип и Александар.

Го слушаме само она што сакаме да го слушнеме.

Македонија на Македонците

Нема да излеземе за поддршка на „Аман“ и сличните движења кои бараат подобри услови за сите нас, но ќе се појавиме и јавно ќе го изразиме нашиот етнички централизам. Како Блерим, кој бил роден и живее во Македонија од кога знае за себе, да е помалку Македонец од Петар, само затоа што е етнички Албанец.

И можеби скелетот од билбордот за толеранција е човекот кој го запали автобусот на ЈСП, или можеби некој од оние кои се тепаа со полицијата пред Владата ден претходно, но што вреди тоа кога вистинската порака останува непренесена.

„Толеранцијата“ претставува дозволено отстапување од одредени идеали, а самото тоа иницира дека за Македонците идеални услови би се постигнале само во случај на семакедонско население, а за Албанците – сеалбанско.

Нам не ни треба толеранција, нам ни треба соживот. Соживот претставува учење за различноста на другиот и барање потенцијал во истата за здружено развивање во едно посовремено и поприфатливо општество за сите нас, без разлика на било каква припадност или определба.

Нашата традиција никој нема да ни ја одзеде, но ако се обидуваме да ја живееме истата во дваесет и првиот век ќе наидеме само на потсмев и негодување, препирања и несогласувања, и помеѓу нас и со другите.

Нашето постоење не е во опасност, а ќе биде само ако си завртиме грб едни на други само затоа што политичките партии нé убедуваат да го сториме тоа. Наместо да си бодеме очи едни на други, треба да престанеме да веруваме на сé што ќе ни се каже и едноставно да побараме резултати. Ако оставиме водоинсталатерите да се расправаат за тоа кој е виновен, за извесно време цевката ќе попушти и ќе нé поплави сите до еден.

На крај сакам да завршам со, за мене, еден од највлијателните говори, даден од германскиот теолог од времето на втората светска војна, Мартин Нимолер:

„First they came for the communists,
and I didn’t speak out because I wasn’t a communist.
Then they came for the socialists,
and I didn’t speak out because I wasn’t a socialist.
Then they came for the trade unionists,
and I didn’t speak out because I wasn’t a trade unionist.
Then they came for me,
and there was no one left to speak for me.“

Превод:

„Прво дојдоа по комунистите,
и јас не се побунив бидејќи не бев комунист.
Тогаш дојдоа по социјалистите,
и јас не се побунив бидејќи не бев социјалист.
Тогаш дојдоа по синдикалците,
и јас не се побунив бидејќи не бев синдикалец.
На крај дојдоа по мене,
и веќе немаше кој да се побуни за мене“.

Славе Ангелов, aвторот аналитичар и дизајнер во онлајн магазинот „Револуција“, (веб локација: http://mkrevolucija.com)

Би можело да ве интересира

Реален здравствен систем, а не експлодирана ракета на годината-петарда

Ана Ололовска

Погледот на Балканот кон Брисел, а намигнувањето кон Москва не е добра можност

Наум Локоски

Блажески: Солза, лажеш, ти никогаш не би се качила на гајби и буриња, освен ако не мислиш дека тие се мостот до удобна фотеља

Ана Ололовска

Македонските политичари да не се прават Англичани пред Тереза Меј

Ана Ололовска

Врне во душите на македонскиот народ, ама здравството нема да потоне

Ана Ололовска

Азески, време е да се пензионираш, заедно со својот дијалект!

Ана Ололовска