Фејсбук страницата „Ветераните за Трамп”, каде воените ветерани на армиските служби со конзервативни ставови изразуваат поддршка за американскиот претседател Доналд Трамп, од март годинава е „украдена од еден бизнисмен од Северна Македонија“, објави синоќа весникот „Вашингтон пост”.
Изданието пишува за улогата на некои лица од Велес, од „земјата што тогаш се нарекуваше Македонија“ во ширење лажни вести преку социјалната мрежа Фејсбук за време на претседателските избори во САД во 2016 година.
– Поради ова имаше многу истражувања за можно влијание врз кампањата, по јавните прозивки дека тие му помогнале на Трамп да ја добие претседателската битка, ширејќи лаги за неговите опоненти и конзервативна пропаганда во линија на неговите политики, наведува весникот.
Додава и дека по голем притисок од јавноста, откако некои од страниците кои пренесуваа лажни ветси достигаа и 2 милиони посетители, Фејсбук ги блокира овие страници.
– Но, се чини дека (некои лица од Северна Македонија), нашле нови начини како да допрат до посакуваната публика во САД што може да носи и профит.
Во продолжение на текстот, американскиот весник објаснува детално како им е преземена страницата на американските ветерани.
-Преземањето започна со бизнис понуда која пристига до администраторите и сопствениците на групата, и самите ветерани, а доаѓа од лице кое се претставува како Андреј Спасовски и им нуди генериран профит преку нивната страница со тоа што ќе му дозволат да постира реклами.
Се додава дека такви бизнис понуди често пристигале, но дека понудата на Спосовски била привлечна бидејќи „ветува профит од десетици илјади долари годишно со ангажман на нивната компанија „Ад Брејк““.
Ветеранот, Томас Дилингам, кој Спасосвки го пронашол како вистиснкиот сопственик на „Ветераните за Трамп“, го прифатил договорот, за подоцна тој и администраторот, Влад Лемец, да сфатат дека се измамени. Тие им дале административни права на лажните соработници за подоцна овие да го избришат нивниот админ пристап до страницата, по што едноставно тие повеќе не можат да управуваат со неа.
Додека бараат одговори и праќаат жалби и предупредувања до администрацијата на Фејсбук дека нивната страница била „киднапирана“ и „хакирана“, Лемец открил дека компанијата „Ад Брејк“, всушност, е регистрирана во Куманово, Северна Македонија. Тие до Фејсбук пријавиле кражба на страницата од странски ентитет, пишува „Вашингтон пост“.