Десетчлена анкетна комисија, која ќе го испита комплетното работење на СЈО за периодот од основањето до разрешувањето на Катица Јанева, како и на обвинтелите, бараат пратеници од ВМРО-ДПМНЕ, дознава „А1он“.
Во документот до кој дојдовме пишува дека анкетната комисија би анализирала дали има прекршување на законите и злоупотреби во работењето на СЈО. Анкетната комисија, според предложениот текст, треба да ги испита материјално-финансиското работење на СЈО, начинот на вработување во оваа институција и постоењето непотизам, но и законитоста на постапките на ова обвинителство.
Комисијата би дала препораки и наоди за превенирање на, како што пишува, незаконското постапување на обвинителите на СЈО. Освен тоа, Комисијата би изготвила наоди, кои би биле основа за утврдување евентуална одговорност на обвинителите.
Претседателот и потпретседателот, според предлогот, би биле избрани од Собранието по предлог на Комисијата за прашања на изборите и именувањата од редот на пратениците на ВМРО-ДПМНЕ.
Анкетната комисија ќе треба да утврди дали се оправдани, како што пишува, 15 милиони евра, кои СЈО ги потршило за изминатите години. Комисијата ќе треба да утврди како биле потрошени и средствата што на СЈО му биле донирани од стрнските амбасади (САД, Холандија и Шведска).
Според предлогот, комисијата ќе разгледува и дали може разрешената специјална јавна обвинителка од притвор да издава наредби за пренос на предметите од СЈО во Јавното обвинителство.
Пратеничките групи би имале право да предложат листа на експерти или сведоци за да дадат изјава пред комисијата. Седниците би биле јавни доколку за тоа не се одлучи поинаку.