Македонија нуди екстремен туризам, византиски и балкански тури

Од:

 На најголемиот саем за туризам во Берлин, Македонија се обидува да го привлече вниманието со понудите за екстремен туризам, византиските и балканските тури со соседите.

На годинешната туристичка берза во Берлин, меѓу над 10.000 излагачи од 180 земји, во халата 11 се претставува и Македонија. Со штанд на кој доминира макетата на Охридската куќа и неколкуте пултови со рекламен материјал, презентирана е понудата на агенциите „Визит Маседониа“, Албтурс, Карачи, Максан, Бадем Тур. Настапот го организира Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот, чиј претставник Никола Костадинов за Дојче веле вели дека Берлин е само еден од 17-те саеми каде годинава се претставува туристичката понуда на земјата. Адекватно со зголемената презентација, според него, расте и бројот на гости од странство. Во престојнава сезона акцентот ќе го дадат туристите од Финска и Шведска, а присуството во Берлин ќе се искористи за контакти со тамошните туроператори ГТВ, Вино Травел, ФТИ и Икарус. Идејата е и тие да се заинтересираат за организирање чартери за Македонија, кои без сомнение се мамка ако се знае дека државата субвенционира по 65 ера за секој странски гостин.

– За разлика од изминатите години кога во фокусот беа Охрид и Охридската ривиера, годинава е малку поразлично. Шансата да се обноват и засилат веќе постоечките контакти во Берлин, очекуваат да ја искористат претставниците од неколкуте туристички агенции кои веќе ги чувствуваат досегашните позитивни ефекти од европскиот и светскиот пазар. Ако во добрите стари туристички времиња Холанѓаните беа тие кои ги открија и уживаа во Охрид и Македонија, последниве години, земјата е откровение за вљубениците во екстремните спортови од земјите на германското говорно подрачје, но и на познавачите на византиска култура од далечната Јапонија. Покрај нив во Македонија и на Балканот доаѓаат и туристи од Австралија, Кореја, Турција, пренесува Дојче веле.

На туриститет им се нуди и бајкинг турата за екстремни терени во Македонија. Стефан Керазовски, директор на „Визит Маседонија“ од Скопје вели дека од година во година има се повеќе туристи од Германија, Австрија, Израел, Јапонија, Тајван.

– Нашата ориентација е алтернативниот туризам, природата, планинарењето, а годинава првпат организираме бајкинг тури по екстремно тешки терени. Овој вид туризам не се работи година за година, што значи дека за туристите кои годинава ќе возат велосипеди на тешки терени, програмите се сработени пред една-две години. Годинава наши гости се авантуристи со велосипеди од Австрија, Германија, Израел. Има различни тури од седум дена и се вози од Попова Шапка, по патека од 18 километри до Маврово, па оттаму до Галичник. Или од Галичник до Лазарополе, па потоа Охрид. На Галичица, стартот е во Велестово, па се вози по сртот се’ до Пештани. Интересен е и Пелистер, каде трасата води од врвот до Преспанското Езеро, истакнува Керазовски.

Цените на овие бајкинг тури зависат од времетраењето, услугата и бројот на гостите, зашто станува збор за специфична организација, која не е масовна и каде има максимум до 10 луѓе кои се водени од експерти. Цените на десетдневните тури за вљубениците на екстремното чинат меѓу 500 и 600 евра.

Зихангир Бадем вели дека преку „Бадем тур“ од Скопје која ја претставува во Берлин, цели 12 месеци во Македонија пристигнуваат гости, главно од Турција, Холандија, Кореа, Австралија. Има особено интересирање за т.н. „балкански тури“ низ дел од поранешна Југославија и Албанија и тоа во периодот април – мај. Гостите доаѓаат со авиони до Скопје, па шетаат со автобуси низ Македонија, Албанија, Босна и Херцеговина. За туристите од далечната Австралија се нуди „комплетен Балкан“, од Загреб до Истанбул, во траење од 14 дена.

Бранко Босилков од „Албтурс – вас туроператор“ (регионална агенција со седишта во Скопје, Тирана и Приштина) подвлекува дека ова лето е петто по ред кое „византиските тури“ ги букираат групи од далечната Јапонија. Тоа се мали групи од по 10, 15 до 20 јапонски туристи кои ги обиколуваат црквите и споменици од византискиот период од 9 до 14 век.

– Станува збор за добро разработена десетдневна програма која е резултат на дотерување според потребите и желбите на клиентите. Сега имаме производ кој е добро разработен и преку јапонскиот туроператор добро се продава. Гостите од Јапонија доаѓаат преку Виена до Приштина или Скопје. Се стартува со Прилеп и манастирот Свети Архангел и Михаил, преку Костур, Гревена и Солун, назад до Струмица, Смоларските водопади, Штип, Исарот, Баргала, Кочани и Св. Јоаким Осоговски и Старо Нагоричане, до Скопје, Матка, Нерези“, објаснува Босилков, дополнувајќи дека малку кој знае дека токму во Токио се наоѓа Катедра за византиската уметност, па честопати меѓу туристите се студенти кои имаат огромни знаења и предизвик е да им’ се одговори на сите прашања кои ги поставуваат.

За Јапонците ваквите тури чинат меѓу 3.500 и 4.000 евра, а во цената е опфатено буквално се, објавува Дојче веле.

Би можело да ве интересира

Американка која сама патува низ светот открива: „Не се чувствував безбедно во Албанија“

Предраг Петровиќ

Италија, Шпанија и Грција со мерки за да го спречат масовниот туризам и бројот на туристите

Предраг Петровиќ

Дали сте спремни за продолжениот викенд?

Предраг Петровиќ

Зголемена фреквенција на возила на граничниот премин Табановце за излез и за влез во државата

Англиски турист ги осквернави фреските во Помпеја: „Сакав да оставам трага од мојата посета“

Предраг Петровиќ

Прогласени најдобрите дестинации во светот за ноќен живот

Предраг Петровиќ