Поборниците за независност на Каталонија нападнаа четворица новинари на шпански медиуми за време на протестите пред регионалниот Парламент во Барселона, што се одржаа пред два дена, а снимки од настанот беа објавени еден ден подоцна.
Нападот го осуди и шпанското Здружение на новинари.
Репортерката Анхела Гарсија Ромеро од шпанската државна телевизија РТВЕ била погодена со камен или лименка додека се јавувала во живо од местото на настанот.
Демонстрантите ѝ упаѓале во кадарот, попречувајќи го снимањето и емитувањето.
Дајана Мата, репортерка на приватната телевизија Антена 3, и нејзиниот снимател исто така биле навредувани и физички попречувани за време на емитувањето.
– Агресијата е неприфатлив напад врз слободата на изразување и информирање, темел на демократијата. Овие нови напади врз новинарите потврдуваат дека слободното известување во Каталонија се соочува со големи ограничувања, соопшти Шпанската федерација на новинарски здруженија (ФАПЕ).
Во средата на улиците на Барселона се собраа околу 600.000 приврзаници на независноста, одбележувајќи го и националниот ден на Каталонија, соопшти градската полиција. Собирот помина без инциденти.
Но, околу илјада лица се организираа преку социјалните мрежи и околу 20 часот пристигнаа пред парламентот, барајќи оставка од власта со обвинение дека ги предава идеите за самостојна република Каталонија. На овој собир интервенираше полицијата со метални бариери, откако беа фрлани лименки и димни бомби.
– Тој протест и таа група луѓе не беа дел од организираната програма за националниот ден Диада, рече поранешниот претседател на каталонската влада Артур Мас, кој го осуди нападот на новинарите.