На два дена пред истекот на мандатот на специјалната јавна обвинителка Катица Јанева 15 септември, стручната јавност, партиите и обвинителите се обидуваат да најдат решение како да продолжи со работа Специјалното јавно обвинителство кое во 2015 година беше формирано како резултат на аферата со прислушуваните разговори.
Партиите поделени во своите ставови. Од СДСМ велат дека Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ свесно се обидуваат да ја жртвуваат иднината на државата и граѓаните заради спас на криминалците од таа партија со тоа што не го поддржуваат новиот закон за ЈО. Додека пак ВМРО-ДПМНЕ со став дека премиерот Зоран Заев сакал да го заштити својот и криминалот во своите редови и поради тоа не сака независно обвинителство водено од обвинител на предлог на опозицијата.
На страна од партиите и роковите за Јанева, обвинителката од СЈО Ленче Ристоска вчера пред рочиште во Кривичен суд рече дека тие се уште функционираат според законот за СЈО кој важи до септември 2020 година. Од ова обвинителство вчера соопштија и дека се подготвени да одговорат на дописот на Јавното обвинителство на Република Северна Македонија, а тоа е веднаш да ги предадат предметите по кои постапуваат со сите списи и докази.
Паралелно со тековните настани на неизвесност за опстанокот во СЈО, стручниот, административен и помошно-технички персонал на ова обвинителство побара помош од меѓународната заедница која беше дел од процесите на формирање на СЈО и од политичките чинители во земјава.
Министерката за правда Рената Дескоска во изјава за МИА вели дека за време на разговорите за законот за Јавното обвинителство предложиле вработените во СЈО да бидат префрлени во републичкото Јавно обвинителство.
-Во текот на разговорите за законот за Јавното обвинителство водиме грижа за сите лица вработени во Специјалното јавно обвинителство и разговараме за нивниот статус. Нашиот предлог беше дека тие лица треба да бидат префрлени во републичкото Јавно обвинителство, а јавниот обвинител да може натаму да ги распредели согласно потребите и систематизацијата на Јавното обвинителство, вели министерката Дескоска во врска со писмото со барања испратено од техничкиот персонал на СЈО до амбасадорите и до државниот врв.
Според Блупринт групата која веќе две години ги следи реформите на правосудниот систем, СЈО како институција и тело треба да продолжи со работа во рамки на јавнообвинителскиот систем согласно хиерахиската поставеност и правила. Од таму велат дека доказниот видео и аудио материјал се неопходи да бидат употребувани и понатаму во постапките согласно ценењето на судиите.
Во однос на изборот и назначувањето на обвинителите, од Блупринт велат дека нивните, како група предлози, се сосема спротивни од предлогот на ВМРО-ДПМНЕ, доколку биде формирано одделение за гонење на организиран криминал и висока корупција, шефот на тоа обвинителство да биде на предлог на опозициската партија.
Пратеникот од СДСМ Хари Локвенец информираше дека работните групи на парламентарните партии вчера работеле на усогласување на ставовите за новиот закон за јавното обвинителство и дека со тоа се покажува дека се даваат максимални напори за усогласување на ставовите за обезбедување на двотретинското мнозинство, односно заеднички да го креираат законот кој треба да се донесе, а е поврзан со јавното обвинителство.