Јавното обвинителство по одржаниот стручен колегиум соопшти дека одлучило да ги преземе во надлежност и натамошно постапување предметите кои ќе му бидат предадени од СЈО.
„Ваквиот став е заснован на уставната положба на Јавното обвинителство како единствен државен орган надлежен за гонење на сторителите на кривичните дела и на други со закон утврдени казниви дела, начелото на легалитет на кривичното гонење, според кое јавниот обвинител е должен да преземе кривично гонење, ако постојат докази дека е сторено кривично дело за кое се гони по службена должност, како и обврската во име на општеството да се грижи за ефикасноста на кривично – правниот систем, почитувајќи го принципот на правна сигурност на граѓаните како темелна вредност на владеењето на правото“, пишува во образложението на Јавното обвинителство.
Постапките за конкретните предмети ќе продолжат во надлежните јавни обвинителства. Станува збор за предистражните постапки, истрагите и обвиненијата. Ова следува откако Јанева преку судот испрати писмо во кое ги ополномоштува обвинителите да ги предадат сите предмети во рок од три дена на Јавното обвинителство.