Обвинителите Лиле Стефанова и Артан Ајро, по денешното рочиште за предметот „Титаник“, не одговорија на прашањето дали и што се разговарало на колегиумот на СЈО за писмото на Катица Јанева, која преку судот, до нив испратила барање сите истраги и обвиненија во рок од три дена да му бидат предадени на Јавното обвинителство.
„Не знам, бев на судење, не го знам тоа писмо. Кога ќе го прочитам, ќе ви кажам“, рече кратко Стефанова, по што замина во службеното возило.
Од СЈО за „А1он“ потврдија дека Катица Јанева од Шутка дала наредба сите истраги и предистражни постапки во рок од три дена да бидат префрлени во Јавното обвинителство.
Станува збор за полномоштва со кои им се дава овластување на обвинителите во рок од три дена да ги предадат истрагите и предистражните постапки на редовното обвинителство.
За наредбата на Јанева треба да биде донесена одлука на колегиумот на СЈО.
Мандатот на СЈО истекува на 15 септември. Неговиот иден статус треба да се реши со новиот закон за ЈО кој е во собраниска процедура, но за кој власта и опозицијата засега не можат да се усогласат.