Дали има незаконитост во тоа што Катица Јанева не предложила да биде замрзнат само еден стан во истрагата „Поштенска банка“, а кратко потоа го купил ексдиректорот на МЕПСО, Сашо Василевски, кој важеше за близок со неа, испитува Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција во истрагата за случајот „Рекет“, потврдија од таму за „А1он“.
Во таа насока веќе биле предочени и искази на колеги на Јанева кои сведочеле во Обвинителството, а можно е обвинитеката Вилма Русковска да повика уште лица кои се поврзани со сомнителната купопродажба на стан и евентуално тргување со влијание.
„Се` истражуваме, а за што ќе собереме докази ќе видиме…“, рече за „А1он“ шефицата на Обвинителството, Русковска.
Како што објави „А1он“, станот од 109 квадрати и пет квадрати гаража, Василевски, го купил на 30 октомври 2018 година по цена од 80 илјади евра.
Ова се случило само 17 дена откако СЈО ја отвори истрагата за предметот „Поштенска банка“, каде што осомничен бизнисмен е токму сопственикот на фирмата „Бентон“ ДООЕЛ експорт-импорт од Гевгелија, Томе Главчев, oд каде што е купен станот.
Извори од СЈО за „А1 он“ велат дека Катица Јанева им кажала на колегите тој стан да не биде замрзнат, бидејќи наводно бил проблематичен.
За станот од 109 квадрати во скопски Карпош, што го купил екдиректорот на МЕПСО Сашо Василевски за 80 илјади евра од фирмата на осомничениот бизнисмен Томе Главчев, била известена и Управата за финансиско разузнавање.
Со потпис на шефицата на СЈО, Катица Јанева СЈО во февруари годинава дало позитивно мислење за да му биде вратен пасошот на осомничениот Томе Главчев во истрагата „Поштенска банка“ и да не се јавува еднаш неделно во гевгелискиот суд.
Дали враќањето на пасошот на Главчев, е поврзано со незамрзнувањето на станот останува да покаже истрагата.