Кениецот Рој Абонго Малик Обама (55), полубрат на американскиот претседател Обама, кој одлучи да ги следи неговите стапки и да ја проба својата среќа во политиката, се најде на мета на обвинувања од женските припаднички на неговото големо семејство, кои тврдат дека физички ги малтретира своите сопруги и дека последната од вкупно 12, ја завел кога имала само 17 години.
Кенијците вчера излегоа на избори за претседател, членови на парламентот, сенатори, обласни гувернери и членови на новоформираните обласни собранија. Малик Обама се кандидираше за гувернер на областа Сиај.
Ако победи, му следува годишна заработка од повеќе од 115.000 евра – плата за која просечни Кенијци треба да работаат 66 години – како и привилегии меѓу кои и “бонус пензија” од 87.000 евра, автомобил, возач, ВИП патувања и доживотен телохранител.
“Гласајте за Обама – Гласајте за промени! Малик Обама има меѓународни контакти и може да привлече инвестиции за изградба на фабрики и производствена индустрија. Малик Обама е нов лидер кој ќе ја води нашата земја во нова насока”, содржина е на летоците, кои беа поделени на гласачите.
Новинарот на “Дејли мејл”, кој борави во Кенија, вели дека ветувањата на Малик не треба сериозно да се сфатат, откако се најде на мета на обвинувања од неколку негови сопруги. Шила Анијанго (20), која е 35 години помлада од него, вели дека нејзиниот брак со Малик е “најлоша одлука” во нејзиниот живот. Жената која денес се крие кај својата мајка, вели дека нејзиниот сопруг ја тепал, дека е зол и склон на расправии.
Тој ја злоставува мојата ќерка. Тој е зол старец. Направи таен план за да ја украде мојата малолетна ќерка и и платил 3000 шилинзи (24 фунти) за да се омажи за него. Таа беше млада и збунета – тврди Марија, мајката на Шила Анијонго.
Хафса Баванда (33) исто така се омажила за политичарот како тинејџерка, но таа побегнала во 2008 година, по две години брак. Таа раскажа дека ги тепал другите сопруги, кои, вели таа, ги имало најмалку 12.
Тој е лош човек и не сакам никогаш веќе да го видам – вели Хафса.
Рој Абонго Малик Обама е првиот син на Барак Обама Постариот. Неговиот татко се оженил со локалната девојка Кезија кога имал 18 години. Во 1958 година му го родила Малик, а неговата сестра Аума две години подоцна.
Барак Обама Постариот, кој бил одличен студент, ја напуштил неа и децата откако добил стипендија од Универзитетот на Хаваи. Таму се забавувал со Ен Данам, антрополог од Канзас, со која подоцна се оженил. Таа го родила Барак Хусеин Помладиот.