Околу 621 илјада парчиња оружје поседуваат граѓаните на Република Северна Македонија, односно 29.79 парчиња по глава од жител. Од нив, само 169.687 се регистрирани, а 451.313 нерегистрирани, покажуваат податоците од истражувањето на организацијата „Small Arms Survey“ (SAS).
Со овие бројки нашата држава се наоѓа на осмото место во Европа, а е 13-та во светот по поседување огнено оружје по глава на жител. На прво и второ место во Европа се две земји од нашиот регион Црна Гора и Србија.
Во земјава постои евиденција кој сè поседува легално оружје, но не и информација или некаква проценка за нелегалното оружје, за што останува, само да се шпекулира. Се поставува и прашањето дали максимално се почитуваат Законот за оружје и процедурите и дали секој што бара дозвола е подложен на широки безбедносни проверки, како и дали огнено оружје може да се набави на црниот пазар.
Лани се евидентирани 180 илјади парчиња оружје, годинава запленети се 83
Според евиденциите на Секторот за оружје, експлозивни и опасни материи, во Одделот за граѓански работи при Министерството за внатрешни работи, во 2018 година регистрирани се околу 180.000 парчиња оружје.
Во делот на недозволена трговија со оружје, МВР информира дека во периодот од јануари до јуни 2019 година регистрирани се вкупно 102 кривични дела „недозволено изработување, држење и тргување со оружје или распрскувачки материи“ за кои се пријавени 117 сторители, при што се запленети вкупно 83 парчиња огнено оружје (49 пиштоли, четири револвери, две автоматски пушки, 11 ловни пушки, два ловни карабини, малокалибарска пушка, рачно изработена пушка, воздушна пушка, пет рачни бомби, мина, пет пиштоли за звучна и светлосна сигнализација и еден гасен пиштол). Одземени се и 1.742 парчиња муниција, 192 грама експлозиви две детонаторски каписли, 100.168 парчиња петарди, 8.111 пиротехнички и светлечки ракети, 14 огномети и два топовски удари.
Како може да се добие дозвола за поседување оружје
Оружје и муниција може да се набавува само врз основа на одобрение издадено од Министерството за внатрешни работи согласно со категоризацијата на оружјето. Одобрението се издава за секое поединечно набавување оружје во рок од шест месеци од денот на поднесување на барањето.
Одобрение за набавување оружје може да се издаде на физички лица заради заштита на нивната личност и имот и за лов и спортско стрелаштво.
Одобрение за набавка на делови од оружје и одобрение за набавка муниција се издава на физички или правни лица кои поседуваат важечка дозвола за оружје или дозвола за поседување на оружје.
Одобрение за набавување оружје на физичко лице се издава врз основа на претходно поднесено писмено лично барање за издавање одобрение за набавување оружје, ако физичкото лице ги исполнува следниве услови: има наполнето 18 години живот, не му е одземена или ограничена деловната способност, здравствено е способно да поседува и носи оружје, не претставува опасност за јавниот ред, има оправдана причина за набавување на оружје, располага со техничко знаење за правилна употреба, чување и одржување на оружјето и познавање на прописите за оружје и има живеалиште на територијата на нашата држава со важечка лична карта. Доколку е странец да има одобрен постојан престој на територијата на Република Северна Македонија, со важечка лична карта за странец, освен ако со ратификуван меѓународен договор поинаку не е определено.
Се смета дека физичкото лице има оправдана причина за набавување оружје, ако докаже дека постојат оправдани причини за поседување на оружје, а особено ако неговата лична безбедност, безбедноста на неговото семејство или имот се сериозно загрозени, поради што е потребно поседување оружје заради нивна заштита и сигурност или ако работите и задачите што ги врши на работното место се од таква природа што можат да предизвикаат опасност од загрозување на неговиот живот или имот.
Покрај овие причини, се смета дека физичкото лице докажало дека има оправдана причина за поседување на оружје, ако е активен член на ловечко или стрелачко друштво односно има потврда дека е активен член на стрелачко друштво, собира колекционерско оружје, односно е колекционер, донесена е правосилна судска одлука за наследување на оружјето, доделена е награда во вид на оружје, за постигнати резултати во официјални натпревари во лов или спортско стрелаштво или доделено е оружје од страна на државни органи, меѓународни организации или државни органи на други држави.
За оружјето кое е набавено врз основа на одобрение, на физичкото лице му се издава дозвола за оружје.
Дозволата за оружје се издава со рок на важење од 10години, а на лица постари од 65 години живот со рок на важење одпет години. Дозволата за оружје може да биде продолжена по писмено барање на имателот, поднесено до надлежниот орган најдоцна два месеца пред истекот на рокот на нејзиното важење.
Дозволата за оружје, за колекционерско оружје и за носење на оружје ќе се поништи во случај кога ќе истекне важноста на дозволата, а истата не е продолжена, донесено е конечно решение за одземање на дозволата за оружје дозволата за колекционерско оружје односно дозволата за носење на оружје, одобрението за постојан престој на странец на територијата на Република Македонија престанало согласно со прописите за движење и престој на странците и ќе настапи смрт на имателот на дозволата и оружјето е украдено, односно исчезнато или продадено.
„Суштинска жетва“ и „Килибарна лисица“
Во нашата држава беа спроведени неколку акции за легализација на оружјето, но и за собирање на нелегалното.
На 22 август 2001 година, официјално беше одобрена НАТО мисијата „Суштинска жетва“ за собирање на оружјето од ОНА и траеше од 27 август до 26 септември 2001 година. Организаторите на акцијата соопштија дека беа собрани две третини од оружјето на ОНА односно 3.875 парчиња оружје. Беа собрани 3.120 автоматски и полуавтоматски пушки, 483 митралези и пушкомитралези, 161 орудие за борбена поддршка, 17 противвоздушни орудија и четири борбени оклопни возила, кои како оштетени беа оставени во АРМ.
Во втората акција, „Килибарна лисица”, спроведена од 1 ноември до 15 декември 2003 година, во организација на македонската Влада и на УНДП, пак, официјално беа собрани 7.571 парче оружје: 3.589 пушки, 2.336 пиштоли, 458 револ вери, 27 митралези, 2 минофрлачи, 55 ракетни лансери и тромболини, 60 гранати, 797 бомби и 247 мини, 100.219 парчиња муниција, 1.257 парчиња експло зиви и 165,35 кг експлозив, 1.001 парче придружно оружје и 497,65 метри фитил и кабел.
Црногорците и Србите во трка со Американците во поседување оружје
Од вкупно 857 милиони парчиња огнено оружје во сопственост на цивилни лица во целиот свет, САС утврдил дека дури 46 милиони се во сопственост на државјаните на САД.
Црна Гора и Србија, кои на светската листа се веднаш по Јемен, односно на трето и четвртото место, на 100 жители имаат 39,1 парче огнено оружје, во споредба со 120 – те парчиња во САД, кои се први на светската листа.
Во ЕУ во 2017 година нејзините 513 милиони жители поседувале 79,8 милиони парчиња оружје, а кога ќе се додадат и европските земји кои не се членки на ЕУ, тој број достигнува 93,2 милиони.
По количина на оружје по глава на жител убедливо водат Србија и Црна Гора со 39,1 парче на 100 жители. По вкупниот број, најголема концентрација на оружје има во Русија 17,6 милиони, Германија 15,8 милиони и Франција со 12,7 милиони.
Проценките се дека во 230 држави и автономни територии во светот има нешто повеќе од една милијарда парчиња огнено оружје.
Во САД секој ден оружени инциденти со убиени и повредени
До почетокот на август во САД се случиле се случиле 251 оружени инциденти во кои биле убиени или повредени најмалку четворица или повеќе лица. Американците купуваат во просек околу 14 милиони парчиња ново оружје секоја година на цивилниот пазар.
Само во изминатите дестина дека во Америка се случија три масовни оружени инциденти, во кои прво 20 лица беа убиени, а 26 ранети во трговски центар во градот Ел Пасо, во државата Тексас. Во пукање во кафе-бар во градот Дејтон во Охајо, пак, беа убиени десет лица, вклучително и напаѓачот, а уште 27 беа ранети. Нападите во Ел Пасо и Дејтон се 21 и 22-от случај на масовно пукање во САД од почетокот на 2019 година. Вкупно од почетокот на годинава во ваквите инциденти загинале 125 луѓе, а повеќе стотици се ренети.
Според податоците на американските центри за превенција и контрола, во САД од огнено оружје во 2017 и 2018 година животот го загубиле по околу 40 илјади луѓе.
Во ЕУ, пак, од 2000 до 2012 година жртви на оружени иниценти биле 87 илјади лица.