МЛАДИНО, РАЗБУДИ СЕ

Од:

Политиката е дел од мојот живот многу одамна, да не речам уште од мали нозе, уште од распадот на Бившата ни држава, сум следел, гледал и анализирал многу сложени и тешки политички ситуации од тој период па се до ден денешен, но ваква „шизофрена ситуација“ (изразот е позајмен) не сум сретнал, ваква ситуација не сум се надевал дека ќе сретнам на нашите простори, во ова наша мала земјичка, која тешко е создадена, во 21 век во Европска земја кој е на прагот на Европската Унија, на глобалното семејство во кое владее демократските вредности, слободата, солидарноста и еднаквоста, почитувањето на различностите, НИЕ ќе имаме модифициран (а можеби и не е модифициран) тоталитаристички режим, каде ќе не смееме да кажеме нешто слободно (па дури и дома на ручек, бидејќи ќе не слушнале комшиите), нема еднаквост за сите, има тортура, уценување и закани, има страв кај граѓаните, да не смеат да дигнат глава.

Седам и се чудам дали ова се случува во нашата земја која беше „Оаза на мирот“, која беше демократска земја и тогаш кога сите околу нас не беа ни слушнале за демократија, во земја во која секој може да каже и искаже што сака и против кого сака, во земја во која имаше еднакви можност за сите, која земја сите заедно ја градевме камен по камен и ја дотуркавме до ПОРТИТЕ НА ЕВРОПА.

Јас сакам повторно да живеам во ваква земја и затоа решив да го кренам својот глас, да бидам во ОТПОРОТ, оваа го пишувам како ГРАЃАНИН на нашата МАКЕДОНИЈА, ГРАЃАНИН кој сака да си ја врати државата на правилниот колосек и да си го врати сопственото ДОСТОИНСТВО. Но, за оваа тешка битка ни треба подршка од сите граѓани на оваа држава, во оваа битка влегоа многу граѓани, но треба сите да се сплотиме заедно.

Во оваа колумна сакам да пишувам за една посебна категорија која според мене е ТЕМЕЛОТ НА ЕДНА ДРЖАВА, моторот на државата, а тоа е МЛАДИНАТА, ќе ја поделам на три групи и ќе пишувам за секоја посебно.

Прво, сакам да ги повикам СТУДЕНТИТЕ во оваа држава да го кренат својот глас, не мислам на Студенските Здруженија, бидејќи тие и не постојат, туку да се кренат СИТЕ студенти, да го дадат својот придонес бидејќи студентите се авангарда во една држава, бидејќи студентите се тие кои треба да живееат и да ја градат оваа држава, да се спротистават на овие искривени вредности, каде квалитетните и учените се келнери и месари (моите блиски за жал се такви), а НЕПИСМЕНИТЕ и клошарите се шефови и шерифи и се во филмот „НЕ МОЖЕ НАМ, НИКО НИШТА„. Треба студентите да се кренат за да нема повеќе тепање на студенти на Плоштад, треба да се кренат бидејќи оваа е нивна држава и тие треба да ја градат. Кревањето на глас на студенти не е непознато во нашата понова историја, бидејќи во 1997 година половина сегашна Влада и уште неколку пратеници им ги сечеа КАНЏИТЕ на Орлите (ама изгледа им ги исекле за да можат сега командатите да бидат министри), Александар Николовски својата политичка кариера ја почна во демократска Македонија во 2004 година како водач на средношколци и има уште многу примери.

Второ, сакам да ги повикам МЛАДИТЕ кои имаат живеено во големите светски земји, посебно оние кои се имаат школувано во странство, ги повикувам да се кренат бидејќи сите тие имаат живеено во земји во кои има владеење на правото, има демократски вредности, има слобода на говор, почитување на различностите. Сите тие се виделе како тоа изгледа во пракса, како е убаво да се живее и да се функционира во таква средина. Затоа нека се кренат за да помогнат и Македонија да ја направиме таква средина, демократска држава, во која ќе има место за сите да успеаат во тоа во што се најдобри.

Трето, сакам да ги повикам МЛАДИТЕ кои ќе ги наречам СЕБИЧНИ , во оваа група до 24 декември спаѓав и јас, во оваа група на млади спаѓаат сите кои сакаат да ја напуштат нашата држава, сакаат да заминат за да најдат подобар живот бидејќи овдека не гледаат никакво, ама баш никакво решение за нивната иднина. Ги нареков Себични бидејќи тие мислат сами на себе и на никој друг, бегаат од Зверот што збеснува без да се окренат за да видат се кого оставаат овдека на Зверот, ги оставаат своите семејства, фамилии, пријатели, девојки. Сите тие ги оставаат да живеаат во ова лудило.

Затоа ги повикувам да останат да се премислат и да го кренат гласот за да го запреме ова лудило, да си ја вратиме државата на граѓаните, да направиме нешто за самите нас и за сите околу нас кои ни се драги и се грижиме на нив. Со бегањето од овдека нема ништо да се реши само ќе се остават драгите на цедило и на Зверот кој ќе не проголта сите. Јас лично ќе загубам вакви четворица многу блиски луѓе кои сакаат да заминат и да не се враќаат тука и воопшто не ги интересира што ќе биде со нас. Затоа ќе ги замолам јавно да останат заради себе, заради нивните семејства, ЗАРАДИ МЕНЕ. Поради овие причини јас се премислив после „ЦРНИОТ ПОНЕДЕЛНИК“ сакам да останам и да се борам за поубава и попросперитетна Македонија, има шанса за сите нас. Ве повикувам сите да се премислите и да ми се приклучите на мене и на сите како мене, бидејќи резервна татковина немаме.

Оваа битка не е за нечии кариери, не е за функции и партиски работни места, оваа битка е за подобро утре за сите нас, за достоинствен живот, ова не е битка за Бранко, Јани, Д-р Горан, за Љупчо, ова е битка за МЕНЕ , за сите нас, за моите родители, за моите деца, за нашата ИДНИНА, за иднината на НАШИТЕ ДЕЦА. Крај краеви и Гоце Делчев не се борел, за фотељата на Никола Карев, за претседател на Крушевската Република, туку се борел за нашата слобода и иднина да живееме во самостојна држава во која сите ќе бидеме ЕДНАКВИ.

Не мора да ја подржувате Опозицијата, подржете се самите себе, за вашето достоинство, за вашето подобро утре.

МЛАДИНО, РАЗБУДИ СЕ, ако не сакаш да живееш во држава каде ќе владее едноумие, каде главниот збор ќе го има полицијата, каде ќе има уцени, закани, каде ќе нема слобода на говор, каде сите ќе мора да се понижуваме и потценуваме на некои НЕПИСМЕНИ момци, каде ќе нема демократија, ќе има само тортура и измачување.

МЛАДИНО, РАЗБУДИ СЕ, ако сакаш да живееш во држава која ќе биде просперитена и демократска, каде ние самите ќе го имаме главниот збор, каде ќе има слобода, солидарност, каде сите ќе бидеме еднакви, ќе има еднакви можности, каде ќе може слободно да се изразуваме, каде мирно ќе живееме, каде сите ќе бидеме она што вистински го заслужуваме

Јас знам кој е вистинскиот пат, а ти?

Јас веќе се одлучив, а ти?

ОДИМЕ ДО КРАЈ

ДО ВРАЌАЊЕ НА ДРЖАВАТА НА ГРАЃАНИТЕ.

Зоран Анѓеловски, дипломиран правник

 

Би можело да ве интересира

Реален здравствен систем, а не експлодирана ракета на годината-петарда

Ана Ололовска

Погледот на Балканот кон Брисел, а намигнувањето кон Москва не е добра можност

Наум Локоски

Блажески: Солза, лажеш, ти никогаш не би се качила на гајби и буриња, освен ако не мислиш дека тие се мостот до удобна фотеља

Ана Ололовска

Македонските политичари да не се прават Англичани пред Тереза Меј

Ана Ололовска

Врне во душите на македонскиот народ, ама здравството нема да потоне

Ана Ололовска

Азески, време е да се пензионираш, заедно со својот дијалект!

Ана Ололовска