Во дербито на италијанското првенство екипите на Наполи и Јувентус ги поделија бодовите, па така тимот на Јувентус остана на чело на табелата и ја задржа предноста од шест поени во однос на главниот конкурент, за шампионската титула.
Во еден израмнет натпревар, гостите од Торино знаеја што сакаат и на крајот успеаја да ја остварат целта, и да заминат непоразени од Наполи.
Одлично го започнаа мечот фудбалерите на Јуве, откако многу рано уште во 10-тата минута, го отворија резултатот и дојдоа до водство преку голот на Киелини, кој одлично се одрази, и ги надскока своите противници, наградувајќи ја со погодок одличната асистенција на Андреа Пирло. По овој примен погодок фудбалерите на Наполи, немаа друга опција освен да нападнат, па така по неколку обиди, дури во 43-тата минута Инлер успеа со еден прекрасен удар од далечина, да му донесе израмнување на својот тим, и со тоа да го постави резултатот со кој се замина на полувреме.
Во вториот дел, следевме многу понеинтересен меч, во кој домаќините се обидоа целосно да го свртат резултатот во своја корист, но не успеаја да искористат ниту една прилика од создадените. На крајот, Јувентус беше позадоволниот тим од овој резултат, бидејќи гостите од Торино, ја задржаа својата предност од шест поени на врвот на табелата.