Пушам ко Турчин (да ме грабне човек, па удри по мене), не вадам цигара од уста и не гледам каде фрлам отпушоци.
Признавам, за ќутек сум. Пред некој ден така, нервозен фрлам цигара на улица, ама цело време глеам едни двојца батки како ме гледаат. Неубави времиња, ја не сум цвикатор, ама не е сеедно, има разни будали.
Кога, ете ти ги накај мене, а ја у себе си викам „умри мушки Агиме“. Удри прв, прво чаирско правило. Едниот од нив брца у џеп, вади легитимација и ми вика одеднаш (опаа… љубезен) „господине, ние сме од комунална инспекција“.
Вие фрливте отпушок на јавна површина, за што е предвидена казна од пеесет евра или општествено корисна работа. Извади типот записник, ја му дадов лична карта, ама у себе си викаам, „а бе, мене ли најдовте“!
Нејсе, типовите беа љубезни а башка беа во право, а јас останав збунет и зачуден не верувајќи им на своите очи и уши. Исто ко што велат Србите „ко дете кад се укаки“.
Кого сретнав после му кажував за случката. Размислувам така, а воден од таа случка, каква ли (без пардон) стока сме ние! Не се момците криви што ја се однесувам ко Тарзан.
Нашетано чоече сум по свет, насобран импресии од градови и места кај што е толку чисто, што ако се степаш на улица не можеш да најдеш околу себе ни камен за да бапнеш некого у глава… А како ли отпушоци, хартии, разно ѓубре.
Секаде се однесувам спрема амбиентот, а тука, дома, се однесувам ко од планина да сум симнат. А се праам ѓоа културно дете! Ех,.. за утеха, не сум само јас!
Ајде да му пристапиме на прашањево сериозно. Кога комуналната инспекција би си ја вршело работата адекватно и ефектно, Македонија може да заличи на Австрија. Јавно ги повикувам институциите кои се бават со оваа проблематика малку да бидат по остри.
Ако излезе на терен една независна комисија со фотоапарат во раце, би можел да се направи цел албум од ситуации во кои доколку таа инспекција доследно си ја извршува својата работа, буџетот на Р. Македонја не треба да се грижи за својата иднина.
Има толку многу за казнување, што инспекторите на терен треба да искачаат со по најмалку три кочана записници.
Арно ама! Не е само „удри по народ“. Комуналните служби треба исто така да си ја вршат работата на терен за она за што се платени. Земи ти исчисти се што е „фазла“ од улица, напрај ред, „изгланцај“ го градот, па после мавај со казни по народ.
Не можеш да дисциплинираш народ само со казни и со страв дека ке сноси последици доколку не се придржува до редот и хигиената на околината. Треба да му дадеш пример како треба да изгледа, да го одржуваш тој пример, а после да имаш право да се правиш азган пред свет.
Апсолутно ке се согласам со ригорозност, со казнување, со се што треба, ама кога пред мојата улица на време, коректно, чисто и педантно комуналните служби на време ќе го однесуваат сметтот, кога чистачите на улици наместо да пијат пиво пред самопослуга ке метат, кога секое локално паркче ќе биде цветна градина.
Немој некој да ми филозофирал по коментари и да ми го спомнува центарот на градот. Центарот е реклама, Пи-Ар, центарот е само политичка пропаганда. Иако, и таму не е баш ситуацијата сјајна, само што таму сепак се гледа дека некој божем нешто се труди. Земи прошетај по населбите. Факт е дека секој еден граѓанин има одговорност кон очувањето на редот, чистотата и уредноста, но факт е и дека не може само тој да биде одговорен.
Ти на народот дај му, за да можеш да му земеш!
П.С. Јас признавам дека сум кретен кој знае да фрли отпушок без контрола, ама да бидеме реални „ан женерал“ сите сме си село весело.
Од друга страна, колку и да се лути некој, не може преку ноќ да се очекува една маса сељачаана да се навикне на урбан ред. Скопје е град во кој која мајка дете чобанче изгубила, ќе го бара на улица Македонија у центар.
А за илегалата по населбите и да не зборуваме. За да се воспостави квалитетна урбана дисциплина на живеење во Скопје потребна е многу посеопфатна и поширока акција, но не само на казнување, туку на едукација, соработка, акции на заедничко уредување на животниот простор.
Во Скопје се собрало и коте и моте. На една огромна маса и е потребна смена барем на една до две генерации за да се разбере филозофијата на живот во голема урбана средина во која за квалитетен заеднички живот е потребна дисциплина на повеќе нивоа.
Домакинска куќа се приметува од авион. Цвеќенце, тревичка косена, изметено, испрано, ама надвор на улица крокодили шетаат! Ајде, ќе речеш секој пред свое двориште да зачисти, ќе биде убаво. Пеки. Ама, тоа не е должност на граѓанинот!
Тоа е должност на тие исти комунални служби кои пуштиле дечки да казнуваат по град ако некој плука или фрла „цвик“ од цигара. А ако ти мислиш да преваспитаваш народ со по пеес‘ евра, носи се со све нив!
Државата има милион начини да си го полни буџетот. Ќе се согласасм дека инспекциите од било каков вид треба да се ригорозни ако е во прашање животната средина, околината или социо-економската сфера.
Но! Државата исто така треба да даде пример како нештата треба да изгледаат или функционираат. Во секој случај, лекцијата што ја добив оној ден беше поучна. Македонија има домакини луѓе. Ама има ли домаќини комунални служби? Ај ти дојди направи ја мојана улица ко Монмартр, па после ако треба не да ме казнуваш, него и да ме натепаш ако треба.
Ама улицана моја изгледа како оние од Дискавери Ченел. Од празник на празник се мете, ѓубреџиите минуваат одвреме навреме исто како Шарл Дегол низ триумфалната порта во Париз, а кучињата скитници се чувствуваат како дома.
Во паркчето до мојата куќа можеш да одржуваш студентски вежби по биологоја и ботаника, затоа што она што можеш таму да го видиш не е ништо поинаку од Нејшенел Џеографик! И они мене – „дечко, пеесет евра“! Сигурен сум дека некој од мое маало би му одговорил „море, мрш у пеесет…“! Арно ама, тој е закон! Не си ти!
А каква е таа општествено корисна работа? Живо ме интересира! Еве, се пријавувам да бидам општествено корисен. Ќе бидам записничар на сите оние работи кои комуналните служби треба и мора да го направат за да заличи овој град на чиста касаба. Па после нека ‘‘кењаат‘‘ три дена ако треба ‘‘дечко, пеес‘ евра‘‘!..
Агим Јонуз