Најмалку 18 лица се повредени во невреме, проследено со град со големина на портокал, што денеска го зафати италијанскиот град Пескара.
Повредените се однесени во болница, со повреди на глава и модринки.
Во невремето паднале и двестегодишни борови дрва во близина на Равена, а поплавени се делови на Ромања и Абруцо.
По бурата во Пескара, улиците се претворени во реки на неколку локации.
Патот над градот е напукнат, поради што градоначалникот Карло Масци испрати итна помош на местото на настанот.
Силното невреме што изминатите два дена ја зафати Италија предизвика незапаметени поплави.
– Особено сум загрижен поради силните дождови, бидејќи можат да предизвикаат нови поплави и лизгање на земјиштето во Италија, изјави метеорологот Тајлер Роуз.
Бурата во централниот дел на Италија исто така може да предизвика проблеми и на патиштата.
Според метеоролозите, утре се очекува ново невреме во јужна и југоисточна Европа.
Невреме проследено со грмотевици вечерва и утре се очекува и во јужна Србија, Северна Македонија, Грција, Бугарија и Турција.