Општинската организација на Социјалдемократскиот сојуз од Ресен упатува остра реакција до Општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ Ресен и нивниот кандидат за градоначалник Ѓоко Стрезовски за прекршување на, како што велат Изборниот законик или конкретно на членот 69а, став 1 и 2 во кои, јасно стои дека: За изборна кампања се смета јавно собирање и други јавни настани организирани од страна на организаторот на кампањата, јавно истакнување на плакати, видео презентации на јавни места, изборно медиумско и интернет преставување,дистрибуирање на печатени материјали и јавно преставување на потврдените кандидати од надлежните изборни органи и нивните програми.
И ставот 2: Изборната кампања започнува 20 дена пред денот на изборите и во првиот и вториот
круг на гласање не смее да трае 24 часа пред денот на изборите и на денот на изборите.
Во оваа пригода сакаме да укажеме дека кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ од Ресен, Ѓоко Стрезовски надвор од законски утврдените рокови за изборната кампања отпочна со свое преставување на јавни места, на јавни собири по населените места во Преспа,со свои посети по речиси сите локални институции и фирми во приватна сопственост и средби со вработените,што е класичен пример на пример на притисок кон фирмите и злоупотреба на власта,од страна на ВМРО-ДПМНЕ, стои во реакцијата.
Во продолжение велат:
Особено згрозени сме од бедната форма на популизам и ефтиниот трик што е употребен во средбата со децата со посебни потреби кои ги користат услугите на Дневниот центар за деца со посебни потреби,кој е под надлежност на Центарот за социјални работи-Ресен. Имено, Стрезовски сакајќи да остави впечоток пред родителите, организира ручек за децата во неговиот дом и сето тоа регистрирано на порталот Prespanews, како една од редовните активности на Централната комисија за труд и социјална комисија.
Во оваа прилика, јавно ја прашуваме горенаведената комисија каде беше кога со налог од Министерството за труд и социјална политика на овие деца им беше укинат надоместокот за патни трошоци од нивните домови до Центарот.Зошто тогаш Министерството кое треба да се грижи за социјалните права на граѓаните на РМ, не поведе сметка за социјалната положба на нивните родители,туку,истите мораа за своите права да се изборат со блокирање на Центарот за социјални работи и преку притисокот на советничката група на СДСМ во општинскиот Совет.
Во оваа пригода, мораме да ја споменеме и неодамнешната презентација на Изборната програма на Стрезовски, на која во улога на промотор на кандидатот се појави министерката за внатрешни работи Гордана Јанкуловска, претпоставен раководител на Ѓоко Стрезовски на работното место, портпарол на СВР Битола и заменик министерот за земјоделство Зоран Коњановски, инаку лобист во ИК на ВМРО-ДПМНЕ за актуелниот градоначалник Волкановски, кој ќе остане запаметен како најлош градоначалник во Македонија.
ОО на СДСМ ја потсетува јавноста дека Стрезовски во својата изборна програма повторно ги има нотирано истите ветувања, како пред четири години:откупно дистрибутивен центар, замена на азбестните цевки и реконструкција на градскиот водовод итн.кои останаа нереализирани идеи од претходниот четиригодишен мандат на ВМРО –ДПМНЕ во Ресен,а за кои и пратениците на СДСМ од 5 изборна единица веќе имаа доставено амандмани на Буџетот за 2013 година, (како своевидно потсетување на ветеното од страна на ВМРО-ДПМНЕ)ама Владата ноншалатно ги отфрли.
Иако СДСМ не е во изборна кампања, ОО на СДСМ Ресен ќе го следи секој чекор на ВМРО-ДПМНЕ,и оттука Ги повикуваме да го почитуваат Изборниот законик,и да не се расфрлаат со лажни ветувања.
Граѓаните знаат дека Ресен и Преспа ги живеаат најстрашните четири години!