„Група од неколку луѓе се здружиме, заедно ги собираме фискалните сметки за да им лапнеме повеќе пари. Се договоривме да ги ставаме во едно плико и на секои десет дена јас ќе доаѓам во УЈП и ќе ги скенирам“, изјави една граѓанка во анкетата на А1он, која дојде да скенира сметки на читачите во УЈП, за поврат на ДДВ-то.
Други граѓани во анкетата на А1он, изјавија дека не очекуваат дека ќе соберат пари од поврат на ДДВ-то и велат дека ќар ќе имаат само богатите кои можат да потрошат повеќе пари.
„Ми личи исто како со наградната игра кога се собираа фискални сметки. Собирај, собирај, демек награди на крај ништо. Пензионер со толку ниски примања не може да собере толкава сума и да добие пари назад, изјави друг граѓанин.
Проектот за поврат на ДДВ-то УЈП го стартуваше на први јули. Фискалните сметки граѓаните ќе може да ги скенираат преку телефонската апликација или на читачите поставени во УЈП.