Тричлениот судиски совет на Кривичниот суд во Скопје донесе ослободителна пресуда за новинарот Драган Павловиќ Латас и неговите браќа Срѓан и Звездан, кои беа обвинети за бесправно градење викендички во Зелениково во предметот „Тревник“ на СЈО.
Судијката Марија Клетничка Марковска ја соопшти пресудата пред странките во постапката и пред јавноста. Според образложението на пресудата, ова не е кривично дело.
– Имајќи ги предвид сите изведени докази советот донесе одлука дека се ослободуваат од обвинение. Делото за кое се обвинуваат не е кривично дело. Трошоците паѓаат на товар на државата, изјави судијката Клетничка Марковска.
Градежните инспектори по службена должност можеле да ја спречат изградбата, а ако проценеле дека не е испочитуван Законот за градење да изречат прекршочни глоби или да поднесат кривична пријава за бесправно градење, што не било направено.
Кај Латас таква процедура немало, а обвинетите ја легализирале дивоградбата, ги добиле потребните документи, како и одобрението за градење кое не било оспорено.
Судот му го врати пасошот на Латас и на браќата, и ги укина мерките да се пријавуваат еднаш неделно во судот.
Првото рочиште за судскиот процес на СЈО, познат како „Тревник“, во кој првообвинет беше Драган Павловиќ – Латас, заедно со Срѓан и Ѕвездан Павловиќ се одржа на 14 март 2018 година.
Според обвинението, во временскиот период од јули 2011 година до јануари 2013 година во општина Зелениково, спротивно на Законот за градење, обвинетите граделе без одобрение од надлежен орган, на земјиште кое е во нивна сопственост.
Ова е прва пресуда за Латас од двете обвиненија кои му ги поднесе СЈО. Во кривичниот суд на Латас му се суди и во предметот „Тотал“ каде што е обвинет дека затајувал данок.
СЈО најави дека ќе се жали на одлуката.