Екипата на Мајнц за која настапува македонскиот репрезентативец Николче Новески пропуштија голема шанса да се пласираат во полуфиналето на фудбалскиот Куп на Германија.
Мајнц на својот стадион во четвртфиналето синоќа против Фрајбург водеше со 2:0 на пет минути пред крајот на натпреварот, но и тоа не му беше доволно за победа до која стигна Фрајбург, најпрво изедначувајќи на 2:2, а потоа во продолжението постигна и трет гол за конечни 3:2.
Новески го одигра целиот натпревар.
На вториот синоќешен дуел од оваа фаза во купот, Волфсбург на гостински терен го совлада Офенбах со 2:1.
Другите два полуфиналисти ќе бидат познати вечерва по одигрувањето на средбите Штутгарт – Бохум и Баерн Минхен – Борусија Дортмунд.