Адријано Галијани, потпретседателот на фудбалски клуб Милан, смета дека оваа сезона нема преголема неизвесност околу прашањето кој ќе биде победник на италијанското фудбалско првенство.
На врвот на табелата Јувентус има шест бодови повеќе од второпласираниот Наполи, но и покрај фактот дека дека следниот викенд на распоредот е дербито меѓу двата водечки состави на стадионот на Наполи, за Галијани нема дилеми.
„Апсолутно сметам дека титулата ќе отиде кај Јувентус“ – изјави Галијани.
Главниот оперативец на „росонерите“ ја коментираше и ситуацијата околу тренерот Масимилијано Алегри, кому на почетокот на сезоната опасно му се тресеше столот поради слабите резултати.
„Кај Берлускони никогаш немаше сомневање околу иднината на Алегри. Во секоја друга екипа веројатно веќе би имале друг тренер. Ние тоа не го направивме и сите може да ги видат резултатите“ – додаде Галијани.