Во предлогот за министер за финансии поднесен до Собранието во биографијата за Зоран Заев е опишан целиот негов живот, од детството, средношколските денови, па се до сегашно време, и сето тоа во суперлативи.
Како на времето во учебниците, така и сега пратениците ќе може да прочитаат за претендентот за министер за финансии што правел како мал, како средношколец и студент, и сето тоа нејасно што има врска со функцијата за која сам се предложи.
-Израснал во огромно земјоделско семејство. Од рана возраст тој и неговиот помлад брат биле вклучени во земјоделскиот семеен бизнис како единствен извор на приход. Тие биле воспитувани да бидат вредни луѓе кои никогаш не ги одложуваат обврските и веруваат дека постои решение за секој проблем, пишува во биографијата.
Потоа продолжува кога ја запознал неговата сопруга, па се враќа на средношколските денови на Зоран Заев.
-Зоран Заев беше средношколец кога Македонија ја стекна својата независност во 1991 година. Покажува афинитети за математика и беше опкружен со членови на семејството кои беа просперитетни бизнисмени, активни и почитувани во социо-политичката и економска сфера на македонското општество, пишува во предлогот за реконструкција на владата.
Продолжува со поврзување на успешни роднини , нешто што веќе го видовме во изминативе години.
-Инспириран од деловниот успех на неговиот вујко, веднаш почнал да работи во семејното трговско друштво „Тргопродукт“ и за пет години напредувал на менаџерската позиција.
Во долгите редови пофалби и суперлативи има од кога е член на СДСМ и кои функции ги извршувал во партијата, што повторно е небитно за позицијата за која сам се предложи.
-Покрај очигледниот успех во развојот на градот, Зоран Заев стана еден од најпопуларните политичари во Македонија поради неговата отвореност и достапност. Тој беше единствениот градоначалник кој на својата работа и даде најголема јавност и транспарентност преку редовните настапи на локалната телевизија каде одговараше на прашања на граѓаните, пишува во биографијата поднесена до сите пратеници.
Опфатен е и предизборниот период, прилепена и Шарената револуција, Преспанскиот договор, а како и кај секој премиер така и овде се запишани „огромните економски успеси“.
За време на Заев државата постигна историски најниска стапка на невработеност во јуни 2019 година од 17,8% како и највисока годишна стапка на директни странски инвестиции во износ од 524,5 милиони евра за 2018 година, пишува во биографијата, што треба да биде подлога за оправданоста да ја преземе и министерската позиција за финансии.
Нема ниту збор во предлогот за суштината на смената, што беше слабоста на досегашниот министер за финансии кој премиерот до вчера го фалеше и дали во партијата нема друг човек кој може да застане на оваа позиција.