По повод актуелизирањето на прашањето околу националниот идентитет на револуционерот Гоце Делчев, Левица отворено се обраќа до академијата МАНУ да го разреши актуелното прашање како што велат од партијата, најкомпетентна установа за оваа проблематика, а со тоа и да ги заштити институциите Претседател, Влада и Собрание од понатамошни импровизирачки изјави како последните изјави на председателот Стево Пендаровски и министерот за надворешни работи Никола Димитров.
Во продолжение е писмото адресирано до МАНУ
„Почитувани Академици,
Поттикнати од горливата тема која се дебатира во овој момент во заедничката меѓувладина комисија согласно Договорот со Бугарија за делото и потеклото на социјалистот Гоце Делчев, а соочени со нашето познавање на историјата стекнато токму од вашите учебници и научни трудови наспроти ставовите на членовите на комисијата за ревидирање на македонската историја – Ви се обраќаме со ова отворено писмо да ни дадете насоки во однос на ова прашање односно, каков политички став да заземе Левица како политичка партија, а притоа да не ги дезинформира граѓаните на Македонија.
Еден од основните столбови на нашата партија е на нашите поддржувачи и симпатизери, а и на целокупната јавност да им ја соопштуваме само вистината, независно колку таа била болна. Јасно е дека никој не спори дека големиот револуционер Гоце Делчев бил воден од левичарски идеали, односно дека бил социјалист. Конкретно, проблемот е што учејќи од вашите учебници знаеме дека Делчев е македонски револуционер. Исто така, опсервирајќи ги вашите научни кариери се гледа дека на голем дел од вас, животните кариери се базирани на научни трудови на оваа проблематика и не само за овој револуционер, а со тоа вие сте го заслужиле и статусот кој го имате во општеството и ги оправдувате финансиските средства кои ги одвојува работниот народ на Република Македонија за вашата установа.
Поаѓајќи од сите овие факти, а воедно и молкот кој го има од ваша страна по однос на конкретното прашање, ние како партија се соочуваме со конкретен проблем, а тоа е да излеземе со став за Гоце Делчев, а притоа да не ја дезинформираме јавноста. Затоа јавно Ве замолуваме за одговор на едно прашање од кое ние ќе донесеме конкретен став кој воедно ќе биде и вистината за ова болно прашање.
Прашањето е едноставно: Дали учебниците и вашите научни кариери се лажни и неаргументирани, а со тоа Делчев е бугарски револуционер, или се вистинити и поткрепени со научни факти со што Делчев останува македонски револуционер, како што ние и го знаеме?
Несомневајќи се во Вашата експедитивност и соработка, однапред Ви благодариме на одговорот.
Политичка партија Левица“