На крајот на деведесетите години се распадна поранешна Југаславија, но од неа се „родија“ нови држави меѓу кои и Република Македонија. И како што е ред, новороденче прво доби име од народот – ќе се вика Република Македонија.
Уставно име кое нели сега требаше да се запише во матичната служба (Обетинети Нации). Но таму проблем, не никако во име да стои збор Македонија, барање од кој друг ако не од прв комшија. И да не должам многу, сведоци сме на голготата низ која поминавме во врска со името во овие дваестина години од формирањето и уште проблемот со име не го решивме.
И понатаму фигурираме под референца „The former Yugoslav Republic of Macedonia“ – или описно како што впрочем го опишуваат новороденче во акушерската клиника – живо и здраво родено, машко / женско, долго 51 сантиметар, тешко 3,5 килограми. А име? Е за име има мал проблем, засега терајте така, а после ќе видиме што ќе стане.
И така на на 7 април 1993, Советот за безбедност го одобри влезот на Македонија со Резолуцијата 817 во списокот на земјите членки на ОН тоа под буквата Т, а не како што баравме ние под М, ама не и како што бараа Грците под Ф.
Резолуцијата е внимателно напишана и во нејзе се вели дека Референцата „The former Yugoslav Republic of Macedonia” е привремена референца и се користи сè додека спорот не се реши
Терминот е референца а не име, како неутрална гледна точка во спорот. Обединетите нации немаат мандат да го утврдат името на земјата.
Терминот е за користење само во Oбединетите Нации и не е обврзувачка за било кои други организации
Терминот не имплицира дека Република Македонија има било какви врски со Поранешна Југославија.
Но што изгубивме досега со нерешавањето на тој проблем? Дали треба да се вратиме назад на 2 Август 1944 година кога во Прохор Пчински се удрени темелите на македонска национална држава која тогаш се викала ‘‘Демократска Федерална Македонија‘‘ за да на Трето заседание на АСНОМ во 1945 година се преименува во Народна Република Македонија, како федерална единка на ФНРЈ а која подоцна во 1963 година еволуира во Социјалистичка Република Македонија во состав на СФРЈ. И ако така ги гледаме работите, нам додавка не ни е нешто страно.
Проблемот беше во барањето на Грците името на државата да не го содржи зборот „Македонија“. Република Македонија под своето уставно име аплицира за членство во Обединетите Нации на 30. јули 1992. година. Од официјалната апликација до официјалниот прием, предизвика дипломатска бура во ОН како и во балканското соседств Но дефинитивно тој проблем е надминат, во светот многу држави билатерално го прифатиа нашето уставно име, многу меѓународни организации не примиа под нашето уставно име, и само малку разум волја и толеранција можат да не однесат кон посакуваната цел – Евроатлантски интеграции.
Но користењето на проблемот со името за поделба во народот на патриоти и предавници претставува груба манипулација и чист популизам на политичарите кои се кријат позади такви политички небулози како резултат на сопствена немоќ. Повикот „името не го даваме“ во ситуација кога немаме меѓународно признато име во основа е погрешно поставен, зошто вистина е дека Република Македонија своето уставно име го дала како предлог за меѓународно признато име, и со неприфаќањето на истото, значи ли дека треба да останеме ‘‘безимени‘‘ или вечно да не ословуваат со референцата. Напротив, ние треба да се бориме да ја симнеме референцата , да се бориме да добиеме општоприфатливо име, со кое веднаш ќе станеме членка на НАТО, и веднаш ќе добиеме датум за пристапните преговори со ЕУ.
Со тој чин Република Македонија конечно ќе обезбеди територијален суверенитет, самостојност, независност и економски просперитет. Не смееме да бидеме глуви на безброј пати упатениот повик, дека Македонија само со решавање на спорот околу името со својот сосед Грција ќе си ги отвори ширум вратите и ќе биде уважена членка на посакуваните дестинации – НАТО и ЕУ.
Па ако коалицијата за Подобра Македонија ја доби позицијата во власта, меѓу друго, ветувајки и решавањето на проблемот со името, тогаш што чека. Еве нека организира референдум, еве има согласност од опозицијата, ајде, осмели се – реши го проблемот, исполни го ветувањето. Или власта се плаши да ја уништи сопствената позиција за лагодно живеење, лажење и крадење на сопствениот народ, притоа држеќи го во изолација и далеку од остварувањето на стратешките цели. Власта која само декларативно ја подржува демократијата, а која длабоко по свое однесување е апсолутистичка , во слободна и демократска Европа не би можела да издржи ни еден ден.
И нас граѓаните и европретставниците не лажевте седум години. Секогаш некој друг ви беше виновен, внатре опозиција, надвор, принципиелна политика на членки на Европска Унија. Сите беа криви, а самокритичност немаше. Aко решавњето на проблем со името не е табу-тема, ако за тоа се прашува народот, зошто не го прашавте народот, зошто бегате од вистината. И затоа се прашувам, дали проблемот со името е навистина толку тежок, или истиот служи на неодговорните политичари за одржување на позиција во власт ?
Е затоа ги избркавте опозициските пратеници од парламент, затоа сакате да организирате еднопартиски локални избори, затоа не сакате да излезете на предвремени ама фер и демократски парламентарни избори.
Вашата неспособност е голема, а вашиот страв од соочување со вистината е уште поголем, што ви дава енергија да се борите со сите сретства, и знаени и незнаени за какво – такво опстанување на позиција на власт.
Отпорот е голем, сите рокови се пробиени, не си играјте со граѓаните. Граѓаните тргнаа по свое. Каква – таква оваа држава ја создадоа граѓаните со голема љубов и голем напор, и нема да дозволат некој однадвор а камоли одвнатре да ја демонтира за свои потреби. Граѓаните ќе одлучат и како да се викаме и кој да не води и каде да одиме. А вие покажете само малку разум,излезете на тераса, погледнете и на вистината во очи и еднаш бидете самокритични – еднаш кажете, претеравме, доста е.
Мирослав Трлин
Член на ЦО на НСДП