Четирите големи тајни на Груевски

Од:

Мислам дека деновиве на сите ни стана јасно дека најголемата опасност за Р. Македонија не се Грција, Бугарија, Албанија или Србија, туку оваа наша власт, со премиерот на нејзиното чело. Квалитетот или неквалитетот на луѓето можете да го познаете по плодовите кои ги даваат. Тоа што ние го добивме од Груевски по шест години владеење со еден збор се опишува како катастрофа! Ќе се обидам да укажам на четири столба кои власта постепено и свесно ги урива.

Првата тајна на премиерот е вкупниот јавен долг на Р. Македонија. Вкупниот јавен долг се состои од собирањето на вкупниот јавен надворешен долг и вкупниот јавен внатрешен долг. За да се собере вкупниот јавен надворешен долг, државните институции треба транспарентно да го објават (покрај оние што веќе ги објавуваат) и надворешниот долг на трговските друштва во сопственост на државата (целосна или доминантна).

За да се собере вкупниот јавен внатрешен долг, покрај објавените долгови на Владата и на монетарната власт, институциите треба транспарентно да ги објават податоците и за: внатрешниот долг на општините и на Град Скопје, внатрешниот долг на јавните претпријатија и внатрешниот долг на трговските друштва во сопственост на државата (целосна или доминантна). Откако ќе се соберат сите јавни долгови, внатрешни и надворешни, транспарентни и скриени, тогаш ќе добиеме вистинска слика за вкупниот јавен долг на Р. Македонија.

Вака прикриените јавни долгови од страна на Министерството за финансии укажуваат на тоа дека Владата одбива да признае колку нè задолжила, како што одбиваше да признае дека не е во состојба редовно да го сервисира својот долг! Долго време чекавме Груевски да признае дека немало редовен поврат на ДДВ-то кон фирмите. На трибината насловена како „Чии се нашите пари?“ (можете да ја најдете на каналот Youtube), Петар Гошев изрече една мисла која најдобро го отсликува карактерот на оваа владејачка гарнитура: „Нашите пари се целосно нивни, нивните долгови се целосно наши“. Владата нè задолжува со вртоглаво темпо, а парите ги троши на непродуктивни трошоци. Долгот нема да го враќаат Груевски или Ставрески, туку ние, граѓаните, и идните поколенија. Исто како што, доколку банкротира Македонија, последиците ќе ги сносат граѓаните, а не премиерот и министерот за финансии.

Втората тајна на Груевски е пописот на населението. Според последниот попис од пред десет години, знаеме дека во Македонија живеат над 2 милиони луѓе. Според една теза од Македонија, во последните десет години се иселиле повеќе од 300.000 луѓе. Зошто пропадна пописот на населението? Белки не е државата неспособна да направи попис?!

Со направениот попис ќе се докажат минимум две работи кои се неповолни за власта: 1. Огромното иселување на граѓаните од државата во последните години, што е резултат на лошото владеење на Груевски. 2. Во моментов на избирачкиот список има речиси исто толку избирачи колку и жители на Р. Македонија, што е невозможно, бидејќи децата под осумнаесет години немаат право на глас, а што, пак, укажува на малверзации од страна на владејачките партии. Штетата од неодржувањето на пописот на населението за Македонија е огромна. Податоците од пописот се важни за да се подготвуваат политики за економски развој на државата, да се направи вистинска реформа на образованието итн. Ова е доказ дека оваа власт владее по принципот: купи ден – продај ден.

Третата тајна на премиерот е бројот на вработените во администрацијата. Колку точно изнесува бројот на вработените во државниот апарат е тајна чиешто откривање ќе го докаже следново: ВМРО-ДПМНЕ свесно го направил државниот апарат огромен, гломазен, скап, сè со цел да се одржи на власт што подолго. Гласовите на новите административци, кои претходно се докажале во лепењето партиски плакати, повторно им се сигурни, а тоа што таквата политика е штетна за сите останати и е против интересот на државата, баш им е гајле! Голем е и бројот на оние кои седат дома и земаат плата, но уште поголем е бројот на оние кои работат без решение за стално вработување. ДПМНЕ свесно манипулира и со бројот на вработени според Рамковниот договор, а коалицискиот партнер ДУИ е немоќен да наметне доследно спроведување на договорот.

Четвртата тајна на Груевски е бројот на невработените. По шест години власт, борбата со невработеноста е најголемиот пораз на ДПМНЕ. Бројот на отпуштените работници од реалниот сектор бележи раст, а бројот на вработувањата во државната администрација не може тоа да го прикрие. Затоа, пак, државните заводи за вработување посегнуваат по ригорозни мерки за евидентирање на невработените.

Денес, ако сакате да бидете евидентиран дека сте невработен кој бара редовна работа, ќе мора да се пријавувате секој месец во Заводот за вработување. Ова се прави со цел луѓето кои заминуваат на привремена работа во странство да се избришат од евиденцијата на невработените, и со тоа да се прикаже дека власта го решава проблемот со невработеноста, како и со цел огромен број социјално загрозени семејства да се откажат од малата социјална помош. И по толку бришење од списокот на невработени лица по повеќе основи, од ДПМНЕ се фалат дека наводно ја намалиле невработеноста.

За крај цитат од Бубо Каров: „Јас ви гарантирам дека еден поуспешен директор на стоковна куќа од Кина, многу полесно ќе направи попис на населението во Македонија, отколку што кај нас се прави пописот. Ние не можеме да спроведеме попис, бидејќи ние не правиме попис, ние го штимаме. Нас ни требаат штимери, не ни требаат попишувачи и ако нема добар штимер, пописот ќе биде неуспешен.“

Џељо Хоџиќ

Би можело да ве интересира

Реален здравствен систем, а не експлодирана ракета на годината-петарда

Ана Ололовска

Погледот на Балканот кон Брисел, а намигнувањето кон Москва не е добра можност

Наум Локоски

Блажески: Солза, лажеш, ти никогаш не би се качила на гајби и буриња, освен ако не мислиш дека тие се мостот до удобна фотеља

Ана Ололовска

Македонските политичари да не се прават Англичани пред Тереза Меј

Ана Ололовска

Врне во душите на македонскиот народ, ама здравството нема да потоне

Ана Ололовска

Азески, време е да се пензионираш, заедно со својот дијалект!

Ана Ололовска