За реализација на националните стратешки цели – членството на Македонија во ЕУ и НАТО потребно е лобирање на македонската дијаспора во европските земји-членки.
Ова го изјави на денешната средба со новинарите во Скопје претседателот на Обединетата македонска дијаспора (ОМД) Мето Колоски, кој неодамна ги посети седиштата на двете институции во Брисел, придружуван од новоименуваните претставници на ОМД за Германија и Холандија, како и од Грција.
– Основната порака што ја добивме од Брисел е дека ни треба што повеќе лобирање во овие европски земји како Германија, Франција и Британија за поголема поддршка. Со назначување на овие претставници повеќе ќе може да се промовира македонската кауза и интересот на македонската диајспора, но и на Република Македонија за влез во ЕУ и НАТО, рече Коловски.
Потсети оти од иселениците во Германија како Германци со македонско потекло веќе испратиле писмо до канцеларката Ангела Меркел за поголема поддршка, но и признавање на уставното име од страна на Берлин.
За спорот со името тој го повтори ставот дека Македонија треба да се повлече од преговорите за името и да побара поништување на резолуциите на ОН од 1993 година, а земјата да биде прифатена во членство како Република Македонија под уставното име во сите можни институции.
– Не сакаме да дискутираме за можни решенија, оти сметаме дека не е во интерес на Грција овој спор да го реши, рече Колоски според кого пресудата од Хаг, иако во корист на Македонија не дала резултати во однос на интеграцијата на земјата во ЕУ и НАТО.
Според него, организацијата ваквиот став, зад кој стои целата дијаспора, го изнесува на секоја средба со претставници на институциите во Македонија и преку пратениците од дијаспората. Верува, вели, оти за тоа да се случи важен е тајмингот, а очекува оваа година да биде клучна за тоа и да се оствари.
Колоски, кој беше придружуван од Евгенија Нацилиду, претставник на организацијата во Грција и Петре Казаес како член, подвлече дека, во меѓувреме, се уште е силен притисокот на грчките власти против какви било иницијативи на Македонците од северниот дел на Грција за изучување на македонскиот јазик и негување на македонскиот идентитет. Како пример ја посочи статијата објавена пред два месеца во еден од најтиражните грчки неделници „Прототема“, напишана од новинар, инаку член на неонацистичката „Златна зора“ против Нацилиду. Во написот нивната претставничка е опишана како „агент на Скопје“ по што таа доби смртни закани, а за кој во мај се очекува првото судско рочиште по тужбата што ја поднесе Нацилиду заради клевета, расизам и злоупотреба на лични информации.
– Работиме на тоа да добиеме повеќе поддршка од меѓународните институции за правата на Македонците во егејскиот дел и во цела Грција, рече Колоски потсетувајќи дека даваат поддршка за активностите на Македонците во северниот дел од Грција.
За американската политика кон Македонија со оглед на именувањето на Џон Кери за нов државен секретар, Колоски оцени дека станува збор за сенатор, кој доаѓа од државата Масачусетс и кој веќе ја има наречено Македонија ФИРОМ. Смета дека има доста притисоци и оти се зависи од тоа кој ќе ја сочинува екипата во Департментот за Македонија, а која е во фаза на формирање. Потсети дека Филип Гордон, кој досега беше на функцијата помошник државен секретар за Европа заминува во Белата куќа.
– Се гледа мала промена на политиката на претседателот Обама кон источна Европа, воопшто и повеќе се третира партнерството со Русија. Со време ќе се дознаат работите. Нашата работа е интензивно да ги претставуваме нашите потреби, цели, задачи и интереси и да бараме поддршка, рече Колоски.
Инаку, очекува да се зголеми групата на пријатели на Македонија во американскиот Конгрес, која сега брои 20 сенатори и конгресмени на 35 члена.
Од ОМД ја најавија и нивната Четврта глобална конференција која годинава ќе се одржи од 24 до 27 јули во Скопје, во чиј академски дел тема ќе биде одбележување сто години од Букурешкиот договор.