Мариса Мајер, која релевантно скоро стана генерален директор на компанијата „Јаху“, предизвика вистинска бура меѓу вработените откако побара од јуни да доаѓаат на работа, наместо да работат од дома.
– За да стане ова најдобро можно место за работа важни се комуникацијата и соработката, па е неопходно да работиме едни покрај други. Затоа е од клучно значење сите да бидеме во своите канцеларии. До најдобрите одлуки и сознанија често доаѓаме низ разговор во ходник или во кафетерија , преку запознавањето нови луѓе и на импровизираните состаноци на членовите на тимот. Кога работиме од дома, често губиме во брзината и квалитет, истакна Мариса Мајер во интерната порака до вработените.
Како што пренесува сајтот „AllThingsD“, гневот и незадоволството на вработените не е особено зачудувачки, затоа што многумина од нив се вработиле во компанијата и поради флексибилните услови за работа.
Сајтот наведува и дека таквите реакции најмалку се предизвикани од мрзеливоста на вработените, поткрепувајќи го тоа тврдење со резултатите од најновите истражувања.
Студијата од Универзитетот Стенфорд покажаа дека вработените во кол-центрите го зголемиле учинокот за 13 отсто кога работеле од дома. Тие наведоа дека се „задоволни со работата и дека подолго се задржуваат на таа работа“.
Минатогодишното истражување на американското Биро за статистика на труд покажа дека работата од дома „очигледно ја зголемува продуктивноста и го намалува отсуството од работа“, а студијата од Универзитетот Тексас во Остин открива дека луѓето кои работат од дома „работат по пет до седум часа подолго во работната недела отколку оние кои работат само во канцеларија“.