Патриотизмот е чувство, состојба на духот, која во себе ја носи секој совесен човек со минимум општествена и државничка свест. Впрочем, за патриотизмот постојат огромен број на дефиниции, кои, поедноставени во неколку зборови, се сведуваат на љубов и посветеност кон својата држава. Токму под лажниот превез на оваа моќна именка, „веселата дружина“ на чело со Никола Груевски, веќе седум години, како давеник за сламка, се обидува вештачки да го одржи својот навидум висок рејтинг. Конечно, со изборот на Талат Џафери за министер за одбрана, патриотските маски се спружија на подот, а црниот лебед Никола почна да ја пее својата последна песна.
Верувам дека последниве неколку денови, најтесната кожа во која би можел да се најде некој од нас е токму премиерската. Таму е толку неудобно, чиниш те облекле во три броја помала командантска униформа со амблемот на УЧК. А црвенилото на лицето? Или беше портокаловилото? Тоа е многу слично со бојата на изродбата која нé пеплоса, и која од пример за стабилна и напредна мултиетничка и мултирелигиска држава, нé втурна во бездната на заемна недоверба и несигурност.
Посебно интересна категорија е селективната меморија на Премиерот. Очигледно заборавил како драматично и демохристијански морализирал во своите колумни во 2006-та година, фрлајќи дрвја и камења по поранешните команданти на ОНА кои биле избирани и именувани на државни функции. Навистина, крајно неморално и непринципиелно било избирањето на командант Даја за потпретседател на Собранието на РМ во 2006-та, но затоа свето и патриотско е поставувањето на командант Мсуси на истата државна функција во 2008-та! Согласно „матрицата на честа“ на Премиерот, претпоставувам дека најчесно нешто во последните години е поставувањето на командант Форина за Министер за одбрана. И наверојатно е така. Се разбира, после братското делење на милијарди евра тендери наши пари. Но тоа е веќе Никомахова етика. Тука веќе и самиот Аристотел би позавидел.
А Талат? Па тој нема зошто да се сеќира. Тој само ќе си молчи…и ќе си министерува, бидејќи нели, молчењето е злато (кога не е Талат), се разбира. Само се прашувам како ќе ги прежали оние 15.000 амандмани на кои им кумуваше, а никогаш не дочека да ги образложи, или не дај Боже, да ги премолчи. И човекот можеби никогаш нема да дочека да добие Оскар за најдобар нем филм, но сигурно ќе добие аплауз на отворена сцена што успеа така перфидно да го седне во скут својот „омилен“ Премиер. Кој знае, можеби ќе остави толку голем впечаток, и толку многу ќе му тргне молчењето, што во блиска иднина, на следната владина седница ќе биде именуван за владин телал, како би можел да ги одмолчи идните планови на оваа владеачка коалиција.
p.s. Секогаш мораме да ја оставиме отворена можноста дека Талат, всушност, веќе е телал на пропаста на оваа криминално – непринципиелна тендерска коалиција. Кој знае, можеби дури и на Никола еден ден ќе му текне дека за државата се работи? Само се плашам да не биде доцна…
Иван Стефановски
Авторот е магистар по Уставно право