Учесниците на министерскиот состанок на земјите од Г-20 за прашањата на трговијата и дигиталната економија се договорија денеска за некои меѓународни правила при користењето технологии засновани на вештачката интелигенција. Документот за тоа беше дистрибуиран по завршувањето на првиот ден од состанокот во јапонскиот град Цукуба.
„Лицата кои користат или развиваат технологии со вештачка интелигенција, треба да го почитуваат законот, правата на луѓето и демократските вредности. Системите базирани на вештачката интелигенција, треба да бидат јасни и безбедни во текот на целиот циклус на постоење”, се истакнува во документот.
Домаќин на состанокот на министрите за трговија и дигиталната економија е јапонскиот град Цукуба, познат како академско средиште.
Оваа година Јапонија за првпат претседава Г-20 и во текот на целата година во различни јапонски градови се организираат средби на ниво на министри. Средбата на врвот ќе биде на 28 и 29 јуни во Осака.