Македонскиот ракометен тим Вардар денеска од 18 часот излегува против фаворитот Барселона во полуфиналето на „Фајнал Фор“ турнирот кој се игра во Келн. Во првото полуфинале, во 15.30 часот играат Веспрем и Киелце.
За Вардар ова е трето учество по ред на „Ф4“ турнирите во Лигата на шампионите, нешто што не му успеало на ниту еден тим во Европа. Вардар и Барселона ќе играат реприза на мечот од Ф4-турнирот во 2017 година, кога „црвено-црните“ станаа шампиони.
Каталонците оваа сезона славеа на двата пати, 30-26 во Скопје и 34-26 во „Блауграна“.
Игор Карачиќ, кој настапи за „црвено-црните“ на сите досегашни „Ф4“ настапи се потсети на шампионската сезона кога беа совладани Каталонците во полуфиналето и сподели дека ќе дадат се од себе да ги совладаат повторно.
– Сето ова ме потсетува на 2017 година. Дојдовме во Келн без притисок, сакаме на сите да им ги замрсиме сметките. Тоа ни успеа пред две години. Лани дојдовме освојувачки и имавме премногу притисок. Се радувам на овој Ф4. Немаме што да загубиме. Играме според мене против најдобриот тим не само во Европа туку и во светот. Сепак, годинава Вардар покажа дека има карактер и срце и дека се враќа од тешки ситуации. Ќе дадеме сè од себе за да ја совладаме Барселона. Секој има 25 проценти шанса за титулата. Ќе дадеме се од себе за да дојдеме до успех, вели Игор Карачиќ, цитиран од сајтот на Вардар.
Капитенот на Вардар, Стојанче Стоилов во својот прв коментар пред утрешната пресметка со Барселона ја префрли улогата фаворит на противникот.
– Третпат по ред сме тука. Не сме фаворити туку играме против најголемиот фаворит на годинешниот „Ф4“ – Барселона. Овој тим имаше одлична сезона. Сепак, тука во Келн годинава сите имаат свои шанси. Се работи за еден натпревар, никој не може да знае како ќе отвориме и сè може да се случи на терен, вели Стојанче Стоилов.
Распоред на натпревари во Келн:
Полуфинале:
01 јуни, 15.15 часот.: Веспрем – Киелце
01 јуни, 18.00 часот: Барселона – Вардар
Финале:
02 јуни, 15.15 часот: Меч за третото место
02 јуни, 18.00 часот: Финале