Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија до сите припадници на влашката заедница упати честитки по повод 23 Мај, Националниот празник на Власите.
-Република Северна Македонија е богата земја, богата со многу празници, со многу заедници, јазици, култури и вери. Таа е слика со илјада бои во која секоја си наоѓа свое катче во кое ја изразува својата посебност и убавина и за да биде сликата цела, секој треба да ја чувствува и негува со почит и разбирање. Придонесот на влашката заедница во Република Северна Македонија е сеприсутен и значаен за севкупниот општествен живот на земјата, вели Џафери во честитката.
Власите, додава претседателот на Собранието, се познати како богат и учен народ, имаат многу истакнати личности кои живееле и работеле во нашата држава, активно вклучени во политиката, во уметноста, во науката, во културата, образованието и медицината.
-Затоа, дозволете да изразам благодарност и почит кон вас. Да продолжиме и во иднина да чекориме заедно напред, кон креирање на заедничка успешна приказна, темелена на взаемна почит и доверба, сплотени во нашата различност а сепак единствени во остварување на заедничките цели, вели Џафери во честитката упатена по повод 23 Мај – Националниот ден на Власите.