Благодарам, фаљиминдерит, ви благодарам граѓани Македонци, Албанци, Срби, Турци, Роми, Бошњаци и сите останати кои на кристално чисти, фер, европски и демократски избори одлучивте да продолжиме заедно напред, рече Стево Пендаровски во обраќањето до јавноста, каде беше во придружба на неговиот син и премиерот, Зоран Заев.
Пендаровски истакна дека победата е на мнозинството граѓани на Република Северна Македонија, кои се обиединиле за концептот „Заедно напред“.
„Победија граѓаните и свечено сакам да објавам дека ќе им служам посветено на сите. Исходот од овие претседателски избори значи загарантиран пат напрад за сите граѓани, кон европскиот и развиен свет каде што припаѓаме“, нагласи тој.
Додаде дека победата на неговата програма носи иднина и карта за Европа, односно дека е доказ оти прогрес е можен само кога граѓаните се обединети.
„Во јуни кога ќе го добиеме датумот за преговори, знајте дека е макотрпно заслужен. Ќе се залагам за правичност и правна држава, ќе се залагам за секој чесен граѓанин. Ќе бидам фактор на стабилност, а не извор на кризи“, порача Пендаровски пред присутните.
Во говорот тој им се заблагодари на премиерот Зоран Заев и за сите кои имале верба во концептот „Зедно напред“, сите 31 парија кои го поддржале, но упати и благодарност до противкандидатите Гордана Сиљановска и Блерим Река кои, како што кажа, дале придонес за демократски и кристално чисти избори.
„Ќе бидам претседател на сите и поддршка на владата за сите важни проекти во корист на граѓаните, ама и ќе критикувам секаде какде што мислам дека може подобро и повеќе“, нагласи Пендаровски.
На крајот уште еднаш заблагодарувајќи им се на гласачите од сите етнички заедници тој порача дека ќе биде претседател на државата од кој нема да се срамат и тука и во странство.