До 19 часот во 32 дипломатско-конзуларни претставништа своето гласачко право на шестите преседателски избори го искористиле 724 гласачи, односно 46,16 отсто од пријавените 1.781 гласач. Се уште се отворени шест гласачки места во САД и Канада, каде гласањето трае до 19 часот според временската зона на земјата каде се гласа.
Како што соопшти вечерва на прес-конференција портпаролката на Државната изборна комисија Љупка Гугучевска, најголема излезеност до 19 часот има во Букурешт со 64,29 отсто, Сараево со 78,57 отсто, Брисел 63,27 отсто, Берлин 63,16, додека најниска излезеност е забележано во Рим 28 отсто и Абу Даби 20 отсто.
– Во 13 казнено-поправните установи од 1.640 гласачи своето гласачко право го оствариле 74,13 отсто од запишаните. Денеска гласаа и седум гласачи кои се водат како внатрешно раселени лица, како и 4.407 граѓани пријавени како болни или немоќни и 12 во куќен притвор. Првпат на овие претседателски избори гласаа и гласачи од два старски домови во Скопје, каде од 71 гласач своето гласачко право го искористиле 65, односно 91,54 отсто, рече Гугучевска.
Таа нагласи дека по добиените информации од општинските комисии денешниот изборен ден поминал во мирна атмосфера, без прекини во гласањето и без неправилности.