За избор на претседател в недела треба да гласаат најмалку 723.253 граѓани

Од:

Во недела на 5 мај ќе се одржи вториот круг од претседателските избори. Право на глас имаат 1.808.131 избирач, кои можат да изберат меѓу двајцата кандидати Гордана Силјановска-Давкова и Стево Пендаровски, кои во првиот круг добија најголем број гласови, но не и потребното мнозинство од 904.066 гласови за тогаш да биде избран претседател на републиката.

Вториот круг на гласање се одржува во рок од 14 дена од завршувањето на првиот круг на гласањето, во случајов на 5 мај. За претседател е избран кандидатот кој добил мнозинство од гласовите, доколку на гласачките места излегле повеќе од 40 отсто од запишаните избирачи, односно 723.253 гласачи, што е предвидено со член 121, став 3 од Изборниот законик.

Доколку и во вториот круг ниту еден од двајцата кандидати не добил потребен број гласови, се повторува целата изборна постапка. Излезноста во првиот круг од претседателските избори од околу 42 отсто во првиот круг, само ги засилија уште повеќе стравувањата дека во вториот круг в недела може да не биде остварен цензус или излезност на граѓаните од 40 отсто. Се провлекуваат неколку мислења во јавноста дека доколку се случи тоа можно е или да се распишат нови избори, да се смени Уставот за намалување цензус, или за избор на претседател во Собранието. До изборот на нов претседател, функцијата ќе ја извршува претседателот на Собранието Талат Џафери.

Според уставните експерти, во случај на немање цензус ќе мора да се распишат нови избори и тоа во рок од 40 дена. Тие сметат дека по завршување на претседателскиот мандат Ѓорге Иванов никако не може да ја продолжи функцијата.

-Тоа може да се случи само доколку има војна или вонредна состојба во државата, а тоа е сложена постапка за која е потребно двотретинско мнозинство. Затоа граѓаните треба да бидат одговорни за да се обезбеди изборниот цензус што не е толку недостижен, вели во изјава за МИА поранешниот претседател на Уставниот суд, Трендафил Ивановски.

Според поранешниот претседател на Уставниот суд, неопходно е од кој било аспект, од уставно-правен, политички или од граѓански аспект, да се постигне цензусот и да се изврши избор на претседател на Републиката.

-Бидејќи првиот круг не ги даде очекуваните резултати, сега е неопходно на последното гласање да се постигне изборниот цензус, што изнесува 40 отсто од вкупниот број на избирачите. Доколку се дојде до најнепосакуваното, односно да не се обезбеди цензусот, тоа значи дека изборите се неуспешни и претседателот на Собранието веднаш треба да распише нови избори што треба да бидат спроведени во рок од 40 дена од моментот на распишувањето, вели Ивановски.

Со други зборови, како што додава, тие рокови се пократки и уставно се утврдени кога од кој било основ на претседателот му престанува мандатот.

-Тогаш се оди на избори што мора да се спроведат во рок од 40 дена. Доколку дојде до таква опција, тоа е многу скапо. Тоа значи арчење на народните пари, тоа значи покрај тие девет и овие девет милиони евра од овој напатен народ што значи една голема трагедија. Тоа предизвикува и политичка криза, се разбира, истакнува Ивановски.

Според него, најдобро е да се изврши изборот на претседател.

– Друго решение е да се оди на повторен избор, а трето иако тоа не е решение е да дојде до промена на Уставот каде што ќе се предвиди евентуално избор на претседателот во Собранието. Но, тоа подразбира промена на Уставот, тоа подразбира една постапка дека прво треба да се одреди потребата од промена на Уставот, па потоа да се оди на одлука за нацрт-амандман, па определување оваа одлука да се донесе, што значи еден подолг период на траење на оваа криза, што е апсолутно неприфатливо, додава Ивановски.

За да не дојде до неисполнување на цензусот, во кампањата и кандидатите и партиските лидери ги повика граѓаните да излезат да гласаат.

На масовна излезност повика и претседателот на Собранието Талат Џафери. Тој додаде дека не биде постигнат цензус од 40 отсто на 12 мај тој ќе треба да ја преземе функцијата претседател на републиката.

Во врска со распишувањето на повторените избори тој не се повикува на Уставот, туку на Изборниот законик, цитирајќи дека „од денот на распишувањето на изборите до денот на одржувањето на изборите не може да помине повеќе од 90 дена, ниту помалку од 70 дена.

Претседателот на републиката се избира на општи и непосредни избори, со тајно гласање, за време од пет години. За претседател на републиката исто лице може да биде избрано најмногу два пати. Претседателот мора да биде државјанин на Република Македонија.

За претседател на републиката може да биде избрано лице кое на денот на изборите наполнило најмалку 40 години живот. За претседател не може да биде избрано лице кое до денот на изборите не било жител на Република Северна Македонија најмалку десет години во последните 15 години. Изборот за претседател на републиката се врши во последните 60 дена од мандатот на претходниот претседател.

Би можело да ве интересира

Грузиската Централна изборна комисија ги објави конечните изборни резултати, опозицијата продолжува со протестите

Граѓаните не сакаат предвремени парламентарни избори, вели Мицкоски

Филипче: Ние сме подготвени за избори, ќе настапиме многу организирано и многу поуспешно

Објавени се конечните резултати од изборите во Подгорица

Проруската владејачка партија прогласи победа во Грузија, опозицијата излегува на протести

Предраг Петровиќ

Бугарите викендов одат на седми предвремени избори во последните четири години, неизвесно е кој ќе биде иден мандатар