По најавата дека Перо Антиќ ќе се кандидира за претседател на Македонската кошаркарска федерација, денеска преку соопштение до јавноста од група спортски работници е побарано и актуелниот прв човек на мак-баскетот Петар Наумоски да бара нов мандат.
Обраќањето до јавноста на Иницијативен одбор за останување на Петар Наумоски на чело на МКФ го пренесуваме во целост:
Со оглед на последните случувања во македонската кошарка, ние кои што сме активни учесници во овој спорт во Македонија последниве три децении дури и повеќе, не сакаме да останеме неми и сакаме да преземеме иницијатива за задржување на актуелното раководство на МКФ, односно сакаме да се обидеме да го убедиме Петар Наумоски повторно да се кандидира за прв човек на нашата кошарка и да продолжи во одличниот правец во кој што ја насочи нашата кошарка.
Иницијативата ја покренав јас, со уште неколку делегати, кои што сочинуваме една група што сака да укаже на позитивните моменти во работењето на Наумоски и на негативните моменти што ни се случуваа пред неговото доаѓање на позицијата на чело на МКФ.
Петар Наумоски успеа да ја одблокира сметката на МКФ која што цели 16 години беше блокирана и на која што имаше наталожено долгови во висина од преку 600.000 евра. Претходните гарнитури работеа недомаќински и собираа долгови, поради долгови кон ФИБА во минатото бевме истерани во Б дивизијата а нашите сениорски и младински селекции и во машка и во женска конкуренција немаа услови да се натпреваруваат, развиваат и достојно да ја презентираат нашата земја. Во минатото МКФ работеше преку приватна сметка на приватна фирма и поединци се богатеа, на сметка на нашата кошарка. Денес кај Петар Наумоски се е регуларно и законски.
Петар Наумоски се заложи за кратење на бројот на странците во нашата лига, се со цел да им се овозможи на нашите македонски играчи да си обезбедат егзистенција и да имаат шанса да играат, да ја одржуваат својата форма и да напредуваат во кариерите. Со потегот за лимитирање на старнските играчи на двајца во игра а вкупно четворица во екипа, не само што Македонците добија минутажа, туку и нивната цена на пазарот се зголеми а кај некои играчи тоа се случи драстично.
Ова ви го кажува човек чиј што клуб играше во АБА лигата и во европските купови со многу странци, клуб кој што беше на спротивна релација со Петар Наумоски но тој со својата доследност и упорност успеа на легален начин да не убеди дека е во право.
Петар Наумоски ги крена младинските селекции на завидно ниво овозможувајќи им голем број на натпревари и турнири на што плод е враќањето на У16 селекцијата во А дивизијата. Селекторите што ги постави Петар Наумоски беа оспорувани и деградирани пред се затоа што не беа дел од шемите кои што беа врзувани во минатото, но со резултатите тие ги демантираат сите скептици и лажни стручњаци кои што само галамат по социјалните мрежи.
Го обвиниуваат Петар Наумоски дека сакал да создава селекции за да играат неговите синови а тој може да ги испрати своите деца да тренираат и да играат во која екипа сакаат и каде сакаат на Земјинава топка, затоа што Петар Наумоски е ценет секаде каде што кошарката значи нешто и тој има контакти и познава луѓе кои што се двигатели на овој спорт во Европа и во Светот.
Во времето на Петар Наумоски нема фаворизирани екипи, не играат финалиња и не освојуваат титули едни исти екипи, тукку на клубовите им се овозможува преку фер борба на теренот да се одигра и да се заслужи резултатот и победата. Доказ за тоа е освојувањето на купот на нашата екипа Карпош Соколи во времето кога со Петар Наумоски бевме „непријатели“ но само административно во идеите и во размислувањата. Уште еден доказ е последното финале во Купот кога играа Работнички и Блокотехна, две екипи за кои што во јавноста кружат шпекулации дека исто така се на спротивна релација со актуелниот претседател на МКФ.
Во однос на репрезентацијата на Наумоски му се префрла за селекторот Раца и за испаѓањето во понизок ранг квалификации. Но, мора да знаеме дека форматот на натпреварување е сменет и потежок од претходно кога игравме на четири европски по ред, селекторот Раца беше изгласан и донесен од страна на Стручниот совет на МКФ а не од Наумоски а воедно и репрезентацијата бележи слаби резултати затоа што играчите не се создаваат во репрезентацијата туку треба да се црпат од клубовите. Не е чесно да се обвинува друг за слабата работа на нашите клубови поради што во моментов трпи и нашата А репрезентација.
Никој во Македонија не му веруваше и сите му се смееја кога ја презема федерацијата но тој на сите тие им докажа во лице дека успеа во намерата да ја стабилизира федерацијата финансиски и на организационен план. Петар Наумоски никогаш не го одбил повикот на селекторите, секогаш играл за Македонија, повредата 1999 година кога беше во врвна форма му го смени текот на кариерата. Тој играше неосигуран и беше практично жртва за нашата селекција.
Во времето кога играл Петар Наумоски во Ефес Пилсен и бил лидер и носител на играта во оваа турска екипа која што можела да купи кого сака но се решила за Пеце, кога воедно беше прогласен и за Најдобар играч на Европа во времето кога европската кошарка беше затворен круг, не можевме ни да замислиме некој нашинец да игра ниту во соседните земји а камоли во некоја голема европска екипа или во тогашните европски натпреварувања.
Петар Наумоски прв ја издвои политиката од МКФ затоа што не е поврзан со ниту една партија. Доказ за тоа се обидите за негова смена и во времето на претходната политичка гарнитура и во времето на оваа политичка гарнитура. Најжално од се е што тие обиди за смена на нашата кошаркарска легенда се прават на подмолен начин со обид за негово оцрнување пред јавноста, а тој не настапува и не ја троши енергијата во јавноста туку работи и дава резултати таму каде што треба.
Со овој потег го повикуваме Петар Наумоски да не се предава и да не им ја отстапува федерацијата што тој лично ја доведе во ред, финансиски и организациски, на истите оние луѓе кои што во минатото ја турнаа длабоко во бездната и кои што сега повторно преку други ликови се обидуваат да се вратат и повторно да го урнисуваат она што некој го чува и го негува како свое.
Ова се само дел од позитивните моменти во работењето на Петар Наумоски, сигурно нешто сме заборавиле. Со ова обраќање не сакаме да оцрнуваме никого или да браниме некого, туку само сакаме јавноста да ја дознае вистината за нашата кошаркарска легенда, кој што неуморно се залага за подобро утре на мак-баскетот.
Тој ја среди финансиската состојба во федерацијата, тој е угледна и ценета личност во Европа и во Светот, тој ја води македонската кошарка на регуларен и законски начин. Кај него нема политика, како во сите други сфери на нашиот живот. Ако нема место во македонската кошарка за Пеце, за кого има? – стои во писмото потпишано од Огнен Дедиќ, кој е дел од Иницијативен одбор за останување на Петар Наумоски на чело на МКФ.
Изборното собрание за претседател на МКФ е закажано за 15 мај.