Општина Охрид немала избрано фирма за уривање бесправно изградени објекти, па затоа летната тераса кај Чинарот, која беше изградена без дозвола, сè уште не е отстранета. Ова е последното оправдување на локалните власти за непостапувањето кога е во прашање дивоградбата во заштитеното јадро на чаршијата, чиј сопственик е Нефи Усеини, член на Советот на Општина Охрид од ДУИ.
Општината на 25 март донесе решение за уривање на дивоградбата кај Чинарот и му даде рок од 10 дена на сопственикот сам да ја урне. Речиси еден месец по донесувањето на решението, ниту сопственикот на терасата сам ја урна ниту Општината уриваше.
В.д. градоначалникот на Охрид, Константин Георгиевски, вели дека првиот тендер пропаднал, а нов ќе се распишел по изборите. До тогаш терасата во заштитеното јадро на Охрид ќе остане обележана со жолта лента, која го ограничува пристапот до градбата.
„Минатата година распишавме два тендера, ама ниту една фирма не се пријави. Тоа е тендер за бесправно изградени објекти. Веднаш по изборите, ќе биде распишан нов и ќе се пристапи кон извршување“, вели Георгиевски за „А1 он“.
Дивоградбата кај Чинарот се појави викендов на 9 и 10 март кога градежни работници со багери и хилти ја урнаа старата платформа и почнаа да градат нова. Сите градежни активности беа нелегални, но инспекцијата на терен излезе десет дена подоцна.
Инвеститорот на дивоградбата, Усеини, за „А1 он“ потврди дека гради без дозвола и дека очекува Општината да му го легализира објектот.
Охридските медиуми по првиот круг од локалните избори во Охрид пишуваа дека Нефи Усеини го спасил в.д. градоначалникот Константин Георгиевски од пораз на изборите. Според нив, Усеини агитирал гласачи од населбите каде живее албанско население, да го дадат својот глас за Георгиевски, а доколку тој победи и во вториот круг, ќе треба да ги реализира барањата на советникот Усеини.
Кристијан Ландов