Со пригодна свеченост и интересна програма библиотеката „Григор Прличев“ во Охрид денеска ќе го одбележи 23 Април – Светскиот ден на книгата и авторското право.
На манифестацијата чиј почеток е закажан за точно напладне, прво ќе бидат прочитани пораките на Одре Азуле, генералниот директор на УНЕСКО, а потоа и македонската порака која годинава ја напиша познатиот режисер, писател и фотограф Милчо Манчевски.
Потоа следи презентација на вработените од Одделот за издавање и позајмување книги при библиотеката под наслов: Што најмногу читаат охриѓани, а ќе биде објавена и топ листата на најбараните и најчитани домашни и светски автори и дела.
Во чест на празникот пригодни награди во книги и благодарници ќе добијат најредовните тројца читатели во одделот за возрасни, како и авторите на трите најдобри стихови од манифестацијата: „Напиши стих – купи кафе“, која библиотеката годинава по втор пат ја организираше во соработка со култната кафетерија „Аквариус“ и ФОН Универзитетот.
Настанот ќе биде искористен библиотеката да донира книги на 10 библиотеки кои се во рамките на основните училишта во Охрид и Дебрца а се добиени по пат на годинашната акција: „Подари – размени книга“ спроведена во соработка со студентите од факултетот за странски јазици од ФОН.
Инаку, денешниот ден е востановен како симболичен датум за светската книжевност, бидејќи токму на 23 април 1616 почина Сервантес, но и Шекспир и Инка Гарсиласо де ла Вега. Ова е исто така и датумот на раѓање или на умирање и на други угледни автори како Маурис Друон, К. Лакснес, Владимир Набоков, Јосеп Пла и Мануел Мехиа Валехо.