Претседателот на Индонезија Џоко Видодо прогласи победа на претседателските избори со освоени 54 отсто од гласовите.
Тој изјави дека лидери на околу 20 земји од југоисточна Азија, но и други региони, му ја честитале победата со која освои втор претседателски мандат.
Видодо победи според прелиминарните резултати врз основа на таканаречено брзо броење на примероци од избирачките места од страна на реномирани организации за истражување.
Според него, сега се преброени 100 отсто или близу до 100 проценти примероци од избирачките места.
Противкандидатот на Видодо, поранешниот генерал Прабово Субианто, тврди дека освоил 62 отсто од гласовите, врз основа на преброени гласови кои ги објави неговиот штаб, а слично тврдеше и на претходните избори во 2014 година.
Изборната комисија има рок до 22 мај да ги објави конечните резултати.