Барањата за легализација на двете диви платформи на Матка сè уште не стигнале на ред за разгледување во Општина Сарај. Градоначалникот на Сарај, Блерим Беџети, минатиот месец објасни дека не може веднаш да планира уривање на дивите платформи оти за нив има поднесено барања за легализација на кои треба да се одговори па дури потоа да се преземаат мерки.
„Не сме ги одбиле ниту поништиле барањата. Сè уште не сме постапиле по нив, службите не ми ги донеле. Како доаѓаат на ред предметите така ги разгледуваме и постапуваме. Дури и кога ќе постапиме, може да има жалбена постапка која дополнително ќе ја продолжи процедурата. Сè уште немаме рок во кој би планирале уривање. Постапуваме законски и ќе ги почитуваме сите процедури“, изјави за „А1он“ градоначалникот Беџети.
Општината добила три барања за легализација на диви платформи. Едното барање, поднесено од ресторанот во кањонот, го поништиле, а за останатите две барања се чека да дојдат на ред. Во меѓувреме градоначалникот вели дека инспекцијата постојано е на терен и нема да дозволи да се појават нови диви објекти.
„Матка е многу повеќе од инает за две даски. Проблемот е покомплициран. Јас од самиот почеток реков дека бараме решение за Матка како за платформите така и за туризмот, тука секојдневно има туристи од земјава и од странство на кои треба да им бидат достапни убавините на Матка. Не треба да дозволиме да се уништат за еден ден, но и не може да остане вака како што е сега. Мене ми е многу жал што проблемот досега не го решиле ниту општината ниту државата“, рече градоначалникот Беџети.
Минатата недела Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) беше во Општина Сарај за проблемот со дивите платформи и непостапувањето на институциите во случајот со Матка. Антикоруоционерите ја побараа целокупната документација за објектите на Матка, а градоначалникот Беџети тврди дека им ги испратиле сите документи што ги побарале.
ДКСК минатиот месец по допрен глас отвори предмет за Матка за да истражи евентуално незаконско работење и корупција.
Трите платформи поставени во заштитеното подрачје на кањонот го привлекоа вниманието на јавноста откако беше зголемена и крената повисоко над водата платформата што е најблиску до браната на Матка. Почна да се гради на почетокот на февруари, а додека институциите се прогласуваа за ненадлежни да ја сопрат градбата, се изгради и платформата и мал објект на неа, а сопственикот си ја украси со цвеќе.
Решение на проблемите на Матка надлежните гледаат во новиот закон за Матка кој точно ќе дефинира каде се дозволени градби и од каков вид, а во кој дел од кањонот градење ќе биде строго забрането. Законот го подготвува Министерството за животна средина од каде веќе информираа дека зонирањето на кањонот е завршено.
Маја Илиевска-Пачемска