Механизацијата на комуналното јавно претпријатие „Водовод“ од Кочани е ангажирана на расчистување на коритото на реката во селото Тркање, каде имаше проблеми со зголемениот доток на вода.
Комуналните екипи ја отстрануваат вегетацијата околу која, со години, жителите исфрлале секаков вид смет, што придонело за намалување на капацитетот на речното корито.
– Во работата на терен се ангажирани технички и човечки ресурси од повеќе единици на претпријатието. Наша цел е со расчистувањето по целата должина на реката во централниот дел на селото, да создадеме услови да влезат поголеми градежни машини кои ќе работат на дополнително доуредување на коритото на Трканска Река. Активностите што се реализираат во селото Тркање се дел од заложбите за надминување на проблемите што ги има ова населено место со лошото решение на канализацискиот одвод, истакна Андреј Киров, директор на КЈП „Водовод“.
Според стручните служби, придонес кон лошата состојба на Трканска Река дало и несовесното однесување на жителите, кои коритото на реката го претвориле во депонија и место за директно испуштање на отпадните води од домаќинствата. Последните обилни врнежи од дожд покажале дека отежнатиот проток на водата може да биде закана за нејзино излевање и поплавување на дел од објектите во непосредна близина.
Општинските комунални служби упатија апел за лична и јавна одговорност со која, не само населението од Тркање, туку и останатите граѓани ќе придонесат за здрава околина и за намалување на деградацијата на животната средина.