Манчевски: Загрижени сме за капацитетот за преговори со ЕУ

Од:

Министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски, апелира до сите чинители во или надвор од јавната администрација да се вклучат во претстојниот преговарачки процес со ЕУ и вели дека Владата е загрижена дали државата има доволен капацитет за овој потфат, јавува дописничката на МИА од Брисел.

Најдоцна до средината на мај, Владата треба да објави нов предлог, вели Манчевски за МИА, за преговарачката структура кој предвидува ангажман на “високо квалификувани експерти“ од надвор од институциите.

-Испраќам апел до сите граѓани, експерти, луѓе кои работат во невладин сектор, во приватни компании, да размислат да се вклучат во овој процес. Ни требаат сите можни ресурси, ние ги немаме многу, вели министерот и додава дека иако за сега нема проблеми во однос на подготвителниот скрининг, Владата е “сериозно загрижена“ за следните покрупни фази од преговарачкиот процес.

Запрашан зошто Владата се фокусира на барање експерти од надвор кога, според експертите, тие ги има во администрацијата, Манчевски вели дека не знае од каде се тие информации, но дека апелот е насочен кон сите чинители, во и вон државните структури.

-Кога зборам за мотивација на луѓе да се нафатат за оваа работа, не е само за луѓе од надвор, кога зборуваме за преговарачка структура, зборуваме за еден пакет од луѓе од внатре прво, но зборуваме дека ќе треба и дополнителен капацитет, може и од некоја друга институција да дојде.

Манчевски додава дека “она што е исто така проблем, а јавноста не е многу свесна е дека иако бројот на вработени во јавниот сектор е прилично голем, вистинската јавна администрација, а тоа се 128 институции на централната власт, таму има едвај 16 илјади луѓе вкупно вработени“.

-Од кои во министерствата, каде што е главниот товар на преговори, скрининг, реформи, итн., се едвај над четири илјади. Апелирам до тие што се разотишле од било која причина да размислат да се вратат откако ќе добијат конкретна концептна понуда. Затоа апелирам до нив, а концептот ќе го понудиме до средината на мај, нагласува министерот.

Што се однесува до неговата одговорност во добивање на датум за преговори, односно реформа на јавната администрација, Манчевски верува дека новиот закон за висока раководна служба ќе направи квалитативна разлика во департизацијата на јавната администрација. Овој закон предвидува процесот на избор за раководните функции да се врши по модел сличен на оној со антикорупциската комисија.

За овој предлог ќе има уште најмалку една дебата, во која е важно да се вклучат партиите во Собранието. Комисијата за избор на висока раководна служба ќе ја бира Собранието, ќе поставува “високи критериуми“ за кандидатите раководители и ќе ги формира одборите за избор на директори, одбор со разновиден и променлив експертски состав, чија улога ќе биде да ги проценува кандидатите за директори и на политичарот кој треба да бира раководител да му достават список на тројца најдобри кандидати меѓу кои тој ќе мора да избере еден.

-Од раководителите почнува сѐ, не може да партизира тој што е на најниско ниво. Менаџерите треба да бидат отпорни. Јас да отидам некому да му речам ова треба да го направиш, тој треба да ми рече не. И за тоа треба да ги најдеме вистинските луѓе, тоа ќе биде најдобриот одбранбен механизам, луѓе со огромен пред сѐ личен интегритет, како што имаме позитивен пример со антикорупциска, вели Манчевски.

Добрата вест од посетата на Манчевски на Брисел е потврдата од ЕУ дека со потпишувањето на договорите за укинување на цените на роамингот во регионот, се отвора патот за нивно укинување и со сите земји на ЕУ, до крајот на 2021 година.

За потсетување, шесте земји од регионот потпишаа договор за постепено намалување на цените на роамингот од ова лето сѐ до нивно целосно укинување на први јули 2021. Паралелно со тоа, Македонија има билатерален договор со Грција по ист модел, намалувањето на цените би требало, според министерот, да биде и позначајно со Грција, а се работи на сличен договор со Бугарија.

-Очекувањата за укинувањето на цените на роамингот со ЕУ се да биде во текот на 2021 година. Договорот беше предуслов, сега влегуваме во директни преговори со ЕК, но имаме сигнали дека се спремни на слична динамика, со оглед на тоа што операторите што пружаат услуги на Западен Балкан се реално оператори од земји на ЕУ, а тие се веќе прилагодени, така што нема да оди тешко таа процедура, изјави Манчевски за МИА.

Би можело да ве интересира

ВМРО-ДПМНЕ ќе поднесе 40-тина амандмани за пакетот закони од МИОА, од кои 21 за Законот за административни службеници

Трајчевски: АВМУ го тужи МИОА затоа што ни исплати 80.000 евра помалку од законски предвидените

A1on

Алиу: Вработувањата не се предизборни, ќе се вработат на неопределено лица кои работеле привремено

A1on

Алиу: Конечен став за забраната на Тик-Ток по координација со правосудните, образовните и безбедносните институции

Горан Наумовски

Почнаа преговорите за решавање на проблемите на регионалните и локалните радиодифузери

А1он

МИОА: Нови алатки во процесите за дигитална трансформација на општеството

А1он