Министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски се обрати на интерактивната сесија за високи политички претставници, во рамки на најголемиот светски Самит за информатичко општество, што се одржува во Женева, Швајцарија.
Министерот Манчевски се осврна на заложбите на Владата на Северна Македонија за развојот на дигиталната економија, во контекст на Западен Балкан.
„Пред само неколку дена, се сретнав со креаторите на дигиталните политики од Западен Балкан, за да ја разгледаме стратешката визија за регионот. Во тек е имплементација на договори за четири многу конкретни иницијативи: намалување на цените во роаминг, взаемно признавање на дигитални сертификати, развивање на дигитални вештини, како и заеднички активности во областа на сајбер безбедноста“, информираше министерот Манчевски, зборувајќи за последните заеднички активности помеѓу земјите од регионот.
Како што истакна тој, во процесот на дигитална трансформација, потребна е беспрекорна интеграција, а не само меѓувладина соработка меѓу нашите регионални економии. Тука е неопходна и соработката помеѓу бизнисите, индустријата, академската заедница, како и организациите за прекугранична соработка.
„Како Влада, ние го поддржуваме и поттикнуваме вклучувањето на овие чинители во креирањето на дигиталната политика, со оглед на тоа што овие организации делуваат како катализатори во процесот на дигитална трансформација.
Развојот на дигиталната економија е огромна можност за економиите во Европа. Тоа е можност за поголема интеграција, но ако не ја искористиме таа можност тогаш исто така ризикуваме балканизација во дигитални острови – изолирани дигитални острови, што е спротивно на самата суштина на податоци и дигитални текови, кои имаат за цел да создадат поинтегриран свет“, укажа министерот Манчевски.
На прашањето што МИОА, прави за развој на е-услуги, министерот Манчевски рече:
„Интегрален дел од платформата за интероперабилност е Регистарот на услуги. Тоа е централизиран регистер на сите внатрешни и надворешни веб-услуги од систем за заднина за пристап до податоци или трансакциски услуги од институциите кои се дел од платформата. Друг клучен регистар тесно поврзан со платформата за интероперабилност е Регистарот на административни услуги. Тоа е централно складиште на сите институции, податоци, докази и процедури поврзани со административните процедури. Комбинирањето на овие два регистри овозможи воспоставување на Национален портал за е-услуги. Користејќи платформата за интероперабилност како база, успеавме да ги идентификуваме клучните услуги на платформата и да изградиме електронски услуги за граѓаните. Националниот портал за е-услуги ги носи услугите до граѓаните. Ќе придонесе за конечно намалување на употребата на хартија и олеснување на административните процедури со цел подобрување на животот на сите граѓани“, заклучи министерот Манчевски.
Форумот на Светскиот самит за информатичко општество (WSIS) е глобална платформа на Обединетите нации за поддршка на спроведувањето на акциските линии за унапредување на одржливиот развој. Форумот претставува најголем годишен собир во светот на заедницата за ИКТ за развој. Дава можност за размена на информации, создавање на знаење и споделување на најдобрите практики, при идентификување на новите трендови и поттикнување на партнерства, земајќи ги предвид развојните процеси и информации.