Во пет европски земји, меѓу кои и во Белгија, од средата наутро се спроведува огромна полициска акција против нелегални плантажи на канабис, објавија денеска белгиските медиуми, нагласувајќи дека, според судски извори, во бизнисот е вмешана „албанската мафија“.
Како што јави дописничката на МИА од Брисел, во текот на денот се очекува белгиското Обвинителство официјално да соопшти повеќе детали за акцијата, но за сега е познато дека освен во Белгија, полициски операции поврзани за истата мрежа се одвиваат и во Франција, Италија, Велика Британија и Холандија.
Според судски извори, целта на акцијата е разоткривање на повеќе плантажи на канабис, истрага која започнала уште пред една година во градот Монс во Белгија. Во рамки на акцијата од средата, па до денеска се приведени околу седумдесет лица.
Претресите ги водат судските полиции на петте земји во кои се спроведува операцијата со поддршка на Интерпол и на полициски службеници од Германија и од Грција.
До сега, освен канабис, за време на претресите се запленети и 200 грама кокаин и околу 100.000 евра во кеш, а пронајдени се и луксузни возила, накит, информатичка опрема и фалсификувани документи.
Истрагата опфаќа „кланови на албанската мафија“ вклучени во шверц на дрога, проституција и перење пари, јави белгискиот јавен сервис.
Приведените лица во наредните 48 часа треба да се појават пред истражен судија, неколкумина од нив се припадници на „албанската мафија“, тврдат белгиските медиуми, додавајќи дека некои од нив биле со нерегулиран престој во Белгија и со наредба да ја напуштат земјата. Моментно тие се лишени од слобода и се сместени во затворени центри за странци.