Ова е важен ден за Балканот не само за Грција и Северна Македонија, порача грчкиот премиер Алексис Ципрас, кој нагласи дека верува оти денес овде се обидуваат заедно со македонскиот премиер да изградат поинаква историја за Балканот. Да го прекинат наративот на национална омраза и да се обидат да изградат наратив на разбирање.
Тој посочи дека ова е прва посета на грчки премиер на земјава, дека се изгубени три децении и дека мора да се побрза да се премостат овие јазови.
„Разговаравме за соработка во рамки на НАТО и регионот. Квадрилатерална соработка. Најважно прашање беше економијата, мора да забрзаме да ги премостиме јазовите. Има многу грчки претприемачи кои се активни во Северна Македонија, сепак денес носиме повеќе од 100 кои ќе имаат можност да разменат идеи на бизнис форумот за подобри билатерални односи“ изјави Ципрас.
Најави дека ќе се избегне двојно даночење, имајки предвид, како што рече, тоа што двете земји немаа нормални односи во изнинатите 30 години.
„За точно да го спроведуваме договорот, преземавме големи чекори напред. Средбите на комитетите за образование, за учебниците направија голем чекор. Денес решивме до средина на мај група експерти од двете земји да се сретнат да се решат прашањата кои постојат со децении. Комитет кој ќе најде решение за трговските марки и брендовите. Важно прашање според мене се институциите кии ќе вршат надзор на спроведување на договорот. Ќе има совет кој ќе врши надзор на ниво на министерствата за финансии“ истакна грчкиот премиер.
Тој заклучи дека оваа посета е историска и дека треба да се градат мостови наместо ѕидови. Порача дека Грција ја поддржува Северна Македобија во напорите да стане дел од ЕУ.
„Ние ќе бидеме тука да ве поддржиме. Бевме пречекани со љубов и пријателство, градиме силно пријателство“, рече Ципрас.
Галена Николовска-Ризвановиќ