Извршната директорка на Хелсиншкиот комитет за човекови права, Уранија Пировска на денешната прес конференција, на која беа изнесени резултатите од вториот квартален мониторинг на реформите во правосудството, изјави дека очекува нов пазар околу двотретинското мнозинство во Собранието овој пат за законот за СЈО.
-Доколку се има предвид на што се бевме сведоци изминатиот период за да се дојде до двотретинско мнозинство, односно очигледен пазар околу одредени прашања, не се сомневам дека тоа ќе се случи повторно, изјави Пировска.
Во соработка со Институтот за човекови права, Коалиција за правично судење, Институтот за европска политика, Центарот за правни истражувања и анализи и Македонското здружение на млади правници, Хелсиншкиот комитет изврши мониторинг на спроведувањето на 11 закони поврзани со правосудството. Станува збор за измените во Законот за кривична постапка, Законот за јавно обвинителство, измените во Кривичниот законик, Законот за Академија за судии и јавни обвинители, Законот за судовите, Законот за Судскиот совет, Закон за Советот на јавни обвинители, Законот за адвокатура, Законот за бесплатна правна помош, Законот за нотаријат, Законот за извршување, Законот за управните спорови и Законот за прекшроците.
Во извештајот на Хелсиншкиот комитет стои дека спроведените акциски мерки на овие закони биле со делумна транспарентност како и со недоволна вклученост на граѓанските организации во спроведување и оформување на истите. Овие недостатоци, според извештајот највеќе се присутни во постапката на спроведување на Законот за јавно обвинителство.
-Голем дел од законите беа подготвувани во соработка со граѓанските организации, но, некои клучни закони беа донесени во скратена постапка. Највеќе мислам на законот за Јавно обвнителство кои како што гледате и понатаму се подготвува на начин на кој што воопшто не одговара ако се има предвид неговата важност. Граѓанските организации не беа вклучени во подготовката на законот за ЈО, процес кој беше затскриен од јавноста, а сега сме сведоци и дека политичките партии преговараат по однос на законските решенија на закон за кој што сите нас е од исклчителна важност, вели Пировска.
Според извршната директорка на Хелсиншкиот комитет, не се испочитувани ниту роковите за спроведување на овие закони кои се однесуваат на реформите во правосудството. Но, како што вели Пировска, граѓанскиот сектор има разбирање за доцнењето бидејќи во изминатиот период на политичката сцена имало повеќе важни случувања од јавен интерес кои бараат дополнителен ангажман како референдумот и договорот од Преспа.
-Планот 3-6-9 помина, во овој план содржеше мерки и дејствија кои се однесуваат на правосудството, голем дел од нив не беа спроведени. Но ние ова доцнење го оправдуваме од причина што во земјата се случуваа други процеси како договорот со Грција, референдумот.
Како генерален заклучок од вториот квартален мониторинг бриф на Хелсиншкиот комитет стои дека и покрај тоа што власта покажува декларативни заложби и волја за соработка со граѓанските организации, особено во областа на правосудството, сепак тоа во пракса не се покажува. Како еден од многуте примери наведени се измените во Кривичниот законик кој беше донесен без учество на граѓанскиот сектор. За Пировска ова е голем пропуст на власта кој не говори дека има сериозна заложба на владата и понатаму да го вклучи граѓанскиот сектор во овие важни процеси за државата.
Виктор Јованов