Работните тимови на власта и на опозицијата денеска ќе одржат нова средба во обид да се постигне согласност за законот за јавно обвинителство со кој треба да се реши идниот статус на СЈО.
Средбата е закажана во 18 часот во Министерството за правда.
Двете страни иако инсистираат на своите ставови, велат дека разговорите не се пропаднати.
Заев на фејсбук напиша дека СЈО е веќе создаден институционален капацитет и нема потреба да се уништува.
– Напротив, како него треба да се водат сите други. Затоа со новиот закон, СЈО, ќе биде оддел во јавното обвинителство со јасни ингеренции. Проблемот за опозицијата е што очигледно сака да го штити криминалот, па не го поддржува овој реформски закон. Одговорете на едноставно прашање: дали сакате Северна Македонија да напредува или сакате да ја видите закочена и повторно да не добие датум за преговори, кој го чекаме од 2005 година?, напиша Заев во пораката до Мицкоски.
Во меѓувреме, се одвиваат консултации за законот и со помалите парламентарни политички партии.