Предлог-закон за социјална заштита денеска ќе се најде пред пратениците во надлежната собраниска Комисија за труд и социјална политика.
За предлог-законот минатата недела се одржа јавна расправа во матичната комисија на која невладините организации кои работат во различни сфери кои ја засегаат оваа област упатија апел за итно донесување на ова законски решение. Социјалната заштита е надпартиска, надетничка, пратениците да ги остават настрана разликите и да мислат на граѓаните, порачаа тие.
-Сите пратеници од овој наш Парламент да ги тргнат своите партиски оклопи и да покажат дека се грижат за граѓаните пред тесно партиските интереси од кои веројатно се водат, им порача министерката за труд и социјална политика Мила Царовска на пратениците кои беа присутни на јавната расправа.
Реформата како, што појасни Царовска има две линии, зголемување на финансиите за социјалната помош и децентрализација на социјалните услуги со нивно распределување меѓу централната, локалната власт и невладиниот сектор.
Со тоа што, како што кажа, законот не почна од 1 јануари од непознати причини повеќе од 30 илјади домаќинства не ја добиваат достоинствената социјална помош, повеќе од 60 илјади деца не ги земаат детскиот или образовниот додаток, илјада вработени во центрите за социјална работа не ги добиваат своите достоинствени плати.