Градежните работи на просторот позади Чинарот во Охрид не престануваат. Од утрово се поставува кровна конструкција за летната тераса која веќе втора недела се гради без одобрение од Општината. Железото го заваруваат и прицврстуваат неколкумина работници, иако Секторот за урбанизам не издал одобение за какви било градежни активности, вклучително и поставувaње урбана опрема. На местото може да се види и новата бетонска конструкција, која се работеше изминатиот период. Градоначалникот на Охрид, Константин Георгиевски, во изјава за „А1он“ вели дека предметот се обработува и во текот на утрешниот ден ќе бидат преземени соодветни мерки.
„Увид е направен. Постапено е од страна на инспекторот. Веќе во текот на утрешниот ден ќе бидат преземени мерки“, вели градоначалникот Георгиевски.
Единствениот градежен инспектор во Општина Охрид, Слободан Дамајноски, трет ден не е достапен за да открие што ќе преземе за дивоградбата во заштитеното градско јадро. Дамјаноски молчи и за тоа што стои во записникот, откако извршил увид на дивоградбата.
Од Општина Охрид велат дека не е склучен договор за краткотраен закуп на локацијата.
Плацот на кој денес се поставува кровна конструкција на државно земјиште, без никаква дозвола, е во процес на денационализација. Додека непознатиот приватник прво уриваше, а сега гради на плоштадот, наследниците на плацот водат битка низ институциите за да си ја вратат сопственоста. Драги Циглов, еден од наследниците, вели дека државата не им го вратила земјиштето, со образложение дека тие ќе бидат обесштетени, а парцелата ќе се користи за мини плоштад и проширување на некоја од улиците. Општина Охрид не одговори зошто не постапиле како што им објасниле на наследниците.
Кристијан Ландов и Маја Илиевска – Пачемска